Професор Арсова и ученик Инчев, учесници од Велес на најголемиот собир на Википедијанци во Македонија, создадени голем број статии
Објавено: 15 септември, 2026, во 10:35 часот
Професор Лили Арова, како образовен координатор учествуваше на „Вики кампот“ и на „Вики тим билдинг“ додека ученикот Филип Инчев II година од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес беше учесник на „Вики камп“. Тие минатиот викенд беа дел од годишниот собир на википедијанци – уредници на Википедија на македонски јазик, во организација на Викимедија МКД. Годинава, за првпат, „Вики кампот“ и „Вики тим билдингот“ се одржаа заедно, обединувајќи ги искусните википедијанци со учениците, членови на вики клубови во Македонија, во тридневна програма исполнета со уредувачки активности, предавања и размена на искуства.
Темата на годинашниот вики камп беше „Ботаничари со авторски кратенки“, во чии рамки учесниците работеа на создавање нови содржини на Википедија на македонски јазик. За време на настанот беа напишани над 400 нови статии, со што беше даден уште еден придонес кон збогатувањето на најголемата слободна енциклопедија на македонски јазик.
Паралелно со уредувачкиот дел, во рамките на „Вики тим билдингот“ се одржаа предавања и дискусии посветени на Википедија, нејзините содржини и развојот на википедијанската заедница и проектите на Викимедија.
„Со заедничкото одржување на „Вики-кампот“ и „Вики тим билдингот“ сакаме да ги поврземе младите уредници со искусните википедијанци и да создадеме простор за споделување знаења и искуства. Нашата цел е да продолжиме да ја збогатуваме Википедија на македонски јазик, но истовремено и да создаваме нови генерации уредници кои ќе придонесуваат кон слободното знаење. Овие настани се дел од бројните активности на Викимедија МКД насочени кон создавање и ширење слободни содржини достапни за секого,“ рече Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД.
Викимедија МКД е локален огранок на Фондацијата „Викимедија“, чија мисија е да го поддржува создавањето, збогатувањето и ширењето на слободното знаење во Македонија. Преку своите образовни, уредувачки и други активности, организацијата ја поттикнува заедницата активно да придонесува кон Википедија и останатите проекти на Викимедија.
Убавка Јаневска


