Центарот за развој на Вардарскиот плански регион воспоставува соработка со словенечки Научно-истражувачки центар „Бистра“ од Птуј

Објавено: 8 октомври, 2026, во 14:04 часот

Центарот за развој на Вардарскиот плански регион воспоставува соработка со словенечкиот Научно-истражувачки центар „Бистра“ од Птуј, насочена кон подготовка и реализација на заеднички проекти во рамки на повиците на Европската Унија, како и други програми и фондови што овозможуваат финансиска поддршка за решавање на приоритетните проблеми и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Соработката беше воспоставена, вчера, во Велес, на средба на Данило Чех, директор на Научно-истражувачкиот центар „Бистра“ од Птуј, Словенија и Зоран Јаневски, директор на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

На средбата беше истакнат заедничкиот интерес за воспоставување партнерства и подготовка на проектни апликации за европските програми, со цел обезбедување финансиски средства за развој на двата региона, во двете држави.

„Прво ми е драго што денеска воспоставивме личен контакт со директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, бидејќи сме слични институции, а особено што го направивме првиот чекор за обезбедување финансиски средства. Ние гледаме голем потенцијал во соработката со колегите од Македонија. Констатиравме дека имаме исти цели – да придонесеме во подобрувањето на регионите преку добивање финансиска поддршка од Европската Унија“, рече Чех.

За Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, ова партнерство е особено значајно за преземање добри практики, градење капацитети и развивање вештини за подготовка и реализација на европски проекти. Дополнителна придобивка е можноста за вмрежување со партнери од повеќе европски земји со кои словенечкиот центар „Бистра“ веќе има воспоставено соработка.

На средбата присуствуваше и Антонио Караланов, експерт за локална самоуправа и меѓународна соработка со долгогодишно искуство во аплицирање и реализација на европски проекти, кој соработува со двата центри. Неговото учество претставува придонес кон поврзувањето на институциите и отворањето можности за развој на заеднички проектни иницијативи и воспоставување партнерства во рамки на европските програми.

Со воспоставувањето на оваа соработка се отвора можност за продлабочување на меѓународната соработка и создавање нови развојни перспективи за Вардарскиот плански регион преку користење на европските фондови и размена на искуства и знаења.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.