Еколошки инцидент во езеро „Младост“ – побеле површината на водата
Објавено: 31 август, 2020, во 13:17 часот
31.08.2020
Широки мрсни дамки ја прекрија рано утринава површината на водата на велешко „Младост“. Тие се простираат покрај самиот брег од западната страна на езерото од почетокот скоро до половина на крајбрежниот појас. Дамките се видливи како и угинати риби.
Фотографираната риба е од видот караш што лебдеше на површината на водата помеѓу трските.

Мрсните дамки се шират и се причина во езерото да не можат да се капат граѓани што денеска одлучиле последниот ден од месец август да го поминат во капење во езерото и сончање на брегот.
Мрсните дамки ги пријавиле граѓани, капачи, во Еколошкото друштво „Вила Зора“. Екологистите излегоа на лице место и ја документираа состојбата по што ги известија надлежните институции. Тие побараа да биде направен увид од Одделението за заштита на животна средина на Општина Велес.

Исто така, екологистите упатија реакција во која бараат итно да биде откриен и санкциониран загадувачот на езерската вода како и да бидат превземени мерки за чистење на езерската вода . Тие најавија и соопштение за јавноста. /У.Ј
