Премиера вечерва на претставата „Вљубениот Шекспир“ на сцената на велешки Театар

Објавено: 17 ноември, 2026, во 09:22 часот

Режисерката Бојана Василковска, претставата „Вљубениот Шекспир„, ја работи по текст на  Марк Норман и Том Стопард како и  во превод на Сашо Димоски и Катерина Момева.

Претставата е романитчна комедија на Василковска која е студентка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорката Зоја Бузалковска.

„Вљубениот Шекспир“ е фиктивна приказна за младиот Вилијам Шекспир, кој во период на длабока творечка блокада, ја пронаоѓа својата инспирација преку љубовта кон младата благородничка Виола. Од таа средба, од таа страст и од тоа емотивно разголување, постепено се раѓа едно од најзначајните драмски дела во светската литература – „Ромео и Јулија“, појаснува Василковска.

Таа додава дека низ нивната приказна, публиката е сведок на еден процес на создавање – на раѓањето на уметноста од личното искуство што е една од најсилните идеи на текстот: уметноста како преобразба на животот или начинот на кој личното искуство, љубовта, болката, копнежот и загубата се преточуваат во драмски јазик, се суштина на она што значи да се биде уметник.

„Денешниот човек како да станува сѐ повнимателен, но и сѐ подалечен од сопствената ранливост. Токму затоа овој текст денес ми изгледа особено важен. Во контраст со нашето време, ликовите во „Вљубениот Шекспир“ си дозволуваат да чувствуваат без задршка, да љубат и кога знаат дека ќе страдаат, да вложат и кога исходот е наизвесен. Нивната храброст да бидат ранливи за мене претставува потсетник на нешто што постепено го губиме. Во свет кој нѐ учи на дистанца, театарот сѐ уште има моќ да нѐ доближи до сопстевните емоции, да нѐ разоружа и да нѐ потсети дека ранливоста не е слабост, туку предуслов за вистинско човечко искуство. За мене овој текст претставува момент во кој љубовта и театарот стануваат неразделни – човекот создава најискрено токму тогаш кога најдлабоко чувствува’ додава Василковска.

Во претставата улогите ги толкуваат Филип Христовскки, Катерина Јовановиќ, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Зорица Панчиќ, Фаик Мефаиловски, Кире Ацевски и Мартин Мазнев. 

Сценограф е Филип Коруновски а костимограф е Катерина Чукниева. Кореографија е на Васил Зафирчев, изборот на музика на Сашко Костов и шминката на Мартина Чукниева

Почетокот на премиерата е во 20:00 часот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.