Навреди, напади, пцости и закани за Батали.нет по објавена информација од јавен интерес
Објавено: 29 октомври, 2020, во 12:34 часот
29.10.2020
Напади, навреди, пцовки и закани доби редакцијата на порталот Батали.нет, откако објави вест: „Со позитивен тест на Ковид-19 колега на починатиот полицаец Игор Ангеловски присуствувал на неговиот погреб“ кој oсвен позитивниот тест на коронавирус имал и решение за изолација. Иако текстот содржи официјална потврда и став од началникот на СВР Велес тоа не ги спречи дел од читателите меѓу кои и полицајци да употребат погрдни зборови и на тој начин да се пресметуваат со авторот на текстот и медиумот на Фејсбук профилот на Батали.нет. Новинарскиот текст ги содржи елементите на професионално сработен медиумски производ.
Има извор, на кој што според член 1 од Кодексот на новинари : Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. ..Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Новинарот, авторот на текстот, на Батали.нет има втор извор а тоа е началник на Сектор за внатрешни работи кој ја потврдува веста исто како и првиот извор на информацијата. Исто така вториот извор во текстот е Златко Јаневски, началник на СВР Велес, кој му дал изјава на медиумот во која најавува дека во координација со обвинителството ќе постапува по случајот. Она што исто така е важно е тоа што Батали.нет не го открива името и презимето на полицискиот службеник, што е етички, затоа што се до добивање на потврда од официјалена институција тоа не треба да се објави.
Вакви напади, навреди а често и пцости и закани имаат и други новинари и медиуми.
Читателската публика, која има право да соопшти сопствен став и во конкретниот и во нему други, слични, случаи нема право да злоупотреби информација од јавен интерес и да изврши директно дефокусирање на јавноста од суштината на отворениот проблем а тоа е почитување на донесени мерки и протоколи пропишани за заштита на населението од ширење на вирусот од страна на Владата што треба да важат подеднакво за сите граѓани независно дали тие се обични граѓани, државна администрација, претставници на локална или на централна власт.
Ова не е единствен случај затоа што и други медиуми и новинари во Велес се соочуваат со навредливи и омаловажувачки коментари доколку споделат информација од јавен интерес за која веднаш во „одбрана“ се впуштаат голем број на читатели и си дозволуваат да судат. Пресуда се добива во судница и неа ја изрекува судија а не граѓаните. Значи тоа не смее да се случува.
Секој издржан и аргументиран коментар е демократска вредност, во локалната заедница во која што живееме и во општество во кое граѓаните умеат да ги почитуваат демократските вредностите и прво сами да се почитуваат, да ги почитуваат сограѓаните па и новинарите и новинарската професија.
Сатанизирање на изворот на информацијата, на медиумот, на новинарот за покажана висока граѓанска свест е недозволиво. Тие не смеат да бидат напаѓани и навредувани. Во случајов тие дале информација или пишуваат за можно прекршување на закон, на протокол, мерки итн кои може да доведат во опасност многу луѓе и да го загрозат јавното здравје, согласно член 5 од Кодексот на новинарите: Новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес.
Тоа што дел од навредите доаѓаат од полициски службеници кои пак се напаѓани и навредувани за напишани казни за не носење на заштитна маска од страна на граѓани е тема за која треба дополнителна анализа.
Исто така авторот на веста на Дума.мк во која го објави името на починатиот полициски службеник кој, за жал, ја изгуби битката со коронавирусот затоа што беше јавна личност и извршуваше јавна функција, значи е дел од објавена информација од јавен интерес, заслужи од читателки да биде споредуван со „жени – портарки“. Дополнителна анализа за нивото на интелектуална и медиумска писменост на авторките или авторите на коментарот не е потребна.
Убавка Јаневска

