Сеќавање: Учеството на едно момче во ослободувањето на Велес
10.11.2020
За ослободувањето на Велес сум читал и слушал многу приказни, но слушав и за вистинити настани поврзани за 9 Ноември. Ова е една приказна која ја слушнав од велешанец, кој многу одамна се отселил од Велес во Скопје и кого го запознав заедно со неговиот внук во Домот на АРМ, каде имаше изложба по повод ослободувањето на Скопје.
Разговорот започна за Велес, моето ангажирање за историјата и на крај заврши со една неверојатна, пријатна и по малку романтична приказна, која на инсистирање на внукот ми ја раскажа дедото.
Приказната е невообичаена, па дедото не сакаше да го споменувам неговото име, бидејќи честопати кога ја раскажувал приказната, се` се завршувало со потсмешливи и дури навредливи коментари.
Приказната не ниту чудна, а уште помалку смешна, туку човечки искрена, а на вас е да процените дали сум во право.
Приказната започнува отприлика вака: Вечерта, дојдоа кај нас дома неколку курири – де оставаа, де земаа некакви материјали, пораки. Го користеа мракот, а и граѓаните им помагаа да ги избегнуваат германските патроли. Германците, по капитулацијата на Фашистичка Бугарија во септември 1944 година, ја превземаа во свои раце целокупната одбрана на градот.
Татко ми ме испрати кај баба ми Елена, таму да спијам. Беше касно, ама само две улици ме делеа од куќата на баба ми и брзо, како зајак претрчав кај неа.
Таа беше замислена и често ѕиркаше од пенџерчето во кујничето.Тука беше топло и таа ме легна на железниот кревет до печката. Жарот сеуште тлееше во пепелникот и во мракот изгледаше како далечна светлина од ѕвездите.
Сум задремал и заспал, а некаде во мугрите започна борбата. Во нападот на Велес третата бригада ја завзела Железничката станица и касарните. А, „Осмата Велешка бригада“ нападна од правец на Вршник, па преку Мегдан и Којник во насока на центарот на градот. Германците не очекуваа таков жесток напад и се повлекуваа забрзано. Во воздух ја дигнале поштата, но не успеале и Монополот.
Се слушаше громогласно „ура-аа“ од сите страни, а на баба ми и` се насолзија очите. Таа не ме пушти да излезам на сокакот и да ги видам партизаните. Од далеку се слушаа пукотници, штракањето на митролезите и татнежи.
Се искачив на чардакот и гледав со мака, како Германците ги креваат еден по еден мостовите во воздух. Детонациите беа толку јаки што се кршеа стаклата на прозорите , а вратите со тресок сами од себе се отвараа и се затвораа.
Борбата траеше неколку часа, а потоа се` замре. Само повремено се слушаа пукотници. Јас се облеков и ја дувнав удолу. Баба ми свика по мене ,ама јас бев побрз и од звукот!
Се спуштив кон Градскиот часовник.Таму имало митролеско гнездо и тешки борби. Не ме пуштија понатаму. Се стрчав во удолнината кон Мало мовче. Дуќанот на мојот мајстор беше пред галаријата, под хотелот Белград. Пред галаријата беа собрани група партизани. Сите со симнати капи; а тогаш видов дека еден борец лежи на земја, убиен. Највисокиот и најјакиот партизан ме запре ,, Немој натаму, ни загина другарот, токму тука , пред галаријата. Снајпер од другата страна го погоди. А, не е многу постар од тебе!“.
Тука се заледив, просто замрев. Клекнав понастрана и очите ми се наполнија со солзи – значи вака изгледа кога ќе загинеш !!?
– Момче,овој Петре, столаров, го знаеш ли?
– Да, јас сум му чирак ! Знам каде живее, да го побарам !?
– Речи му да дојде веднаш на дуќан! Кажи му – Цвајот го поздравува!!
И јас се спуштив по улицата кон мајсторот. По патот видов разурнати куќи, некои сеуште гореа.Улиците беа полни со народ, Сите зборуваа, некого бараа, се поздравуваа и си честитаа. Видов неколкумина партизани со реденици, со бомби на појас, некои беа преврзани со завои. Се изнесуваа ранети, но и мртви, се расчистуваа улиците и урнатините. Целиот град беше на нозе! Велешани беа заедно со своите ослободители.
Го најдов дома мајсторот и се вративме на дуќан. Ги симнавме ќепенците .Тој ги гледааше скршените стакла и вртеше со главата.Оној ,високиот партизан му пријде. Се прегрнаа и јас зачуден видов солза во окото на партизанот. Почнаа да разговараат:
– Што плачеш бре Цвај!??? Ти ли најде да плачеш !?
– Ми загина Јовче, Јовче Ќучук, на Железен мост. Сакал да ги деактивира мините, ама не успеал.Загина како херој….
– Нека му е вечна слава,многу добар човек беше…Кажи ми сега како да помогнам??
– Прво ,организирај се, треба да се направат мртовечки сандаци.Имаме дваесетина загинати партизани .Потоа, треба под итно да се оспособи барем Мало мовче, да преминеме на левата страна и да продолжиме кон Скопје.
– Да, секако , ќе се организираме! Ајде чирак, вади од складот материјал и мери, а јас ќе повикам уште неколкумина, да оди побрзо работата.
За околу 4 часа ние десетмина направивме сандаци. Стигна известување дека околу 15,00 часот комплетно германската војска го напуштила Велес и се повлекла кон Скопје. Рекоа дека на одење ги сечеле со некоја машина праговите на железничката пруга. Потоа мајсторот со останатите од неговиот еснаф отидоа да видат во каква состојба е Мало мовче. Мајсторот им рече на останатите:
– Ајде носете буриња, даски, најдете сајли, клинови. Сите со алат да ми дојдете, нема приговори! Преминот кај Мало мовче мора да се оспособи што поскоро.
Голема врвулица од луѓе се создаде, стигнаа и со запрежни коли. Од секаде се носеше расположивиот материјал кој требаше да послужи за градба на Малото мовче.
Велешани имаа традиција да ги мерметисуваат и да ги градат од темел мостовите: се случуваше во пролет Вардар да надојде и да го однесе Мало мовче, па мораше одново да се гради.
Разликата беше што сега Вардар беше ладен и надојден, па беше тешко да се влезе во водата и да се работи. Мораше нешто друго да се смисли.
Се собраа скоро сите велешки столари, дурмаџии , качари и колари. Секој сакаше да помогне, носеше материјал , даваше совети. Набргу направија нешто како сплав, од четири метални буриња и штици, заковани и изврзани на нив.Го ставија во вода сплавот, а мајстор Петре ме повика настрана :
– Дете,сега се зависи од тебе! Мал си, лесен, качи се на сплавот и префрли го на другиот брег ова јаже. Потоа ќе видиме…
Срам, не срам, останав на долги гаќи и кошула и седнав на сплавот. Ми дадоа нешто како дрвено весло и јас со сета сила замавнав во водите на Вардар. Ми требаше околу 20 минути да се изборам со реката и да излезам на другиот брег.
Ми помогнаа неколкумина да излезам на брегот и јажето го врзавме за едно дебело дрво. Потоа на јажето врзаа две челични сајли и ги повлекува преку реката на левата страна.Започна градбата на мовчето.
Се работеше речиси цела ноќ. Мене ми дадоа некакво ќебе и ме пратија дома. Моите беа вознемирени и ме бараа, но мајстор Петре ме пофалил дека добро сум се покажал, па никој не ме караше.
Изутрината на 10 Ноември , околу 10,00 часот , преминот преку Вардар беше направен и војската и луѓето слободно минуваа.
Истиот ден , во црквата ,,Св. Пантелејмон“`,со сите воени почести беа закопани борците кои го положија животот за ослободувањето на град Велес.
Јас останав дома бидејќи во сета таа мешаница добив температура, па морав да лежам во креветот и да сркам супа, која баба ми ја вареше по некој нејзин рецепт. Многу вкусна супа од сушен зеленчук.
Помина една година од настанот. Веќе слободата беше секојдневие. Ден пред годишнината од ослободувањето на Велес, нас, десетина столарски работници не испратија на Плоштадот пред Општината да исковаме бина ,под која утредента свечено ќе биде одржан голем митинг. Ќе зборувале важни личности, раководители.
Додека работавме, пред веќе направената бина застанаа три црни автомобили и од нив излегоа неколкумина војници во униформи и неколкумина цивили. Ја гледаа бината.
Веднаш го препознав првиот партизан со кого разговарав, Јордан Лазаревски – Цвајот.Тој ме виде и ми мавна со раката да појдам кај него.
– Другари, ова е момчето кое прво премина преку Вардар и ги префрли сајлите за понтонскиот мост, кога го ослободувавме Велес. Тој беше малиот херој, не се исплаши ниту од реката, ниту од студот.Ти благодарам синко!!
Тогаш почувствував нешто посебно, возвишено. Навистина, јас сум учествувал во ослободувањето на мојот Велес! Иако, не со пушка во рака, но сум придонел со своите раце и своето срце…..
Цвајот тогаш ми подари една ѕвезда петокрака со срп и чекан, која и денес ја чувам…“
И, тоа е таа приказна, необична, но човечка и прифатлива. Верувам дека има уште многу вакви заборавени и нераскажани приказни за ослободувањето на Велес, но на Вас е да ги обелодените.
Нека ни е честит празникот 9 Ноември, ден кога Велес станал слободен град, величествен и ослободен од своите синови –партизани.
И на крај, дали некој од вас ги знае и се сеќава барем на имињата на храбрите партизани кои го ослободија Велес и своите животи ги вградија во темелите на неговата слобода ?
Не верувам дека ги знаете – еве ги сега поименично:
Алексов Стоилко, Андреев Јованов Трајче, Илиев Андов Тодор, Милевски Рампо, Иван Мирчев, Тоде Наумов, Коце Тодоровски, Јован Тикваров, Јовче Ќучук, Додевски Александар, Јовановски Стојан, Јовановиќ Николај, Митевски Витомир, Николовски Трајко, Николовски Димче, Петрушевски Илија, Стојановски Перо, Сергеј …
Тоа се вистинските херои кои Велес и велешани никогаш не треба да ги заборават! Слава им!
Љупчо Данов
хроничар