Учеството на Македонци, велешани и кавадарчани, во Младотурската револуција

Објавено на 17 април, 2021 во 14:56

veles 1905

17.04.2021

Иако честопати релативизирана, треба да кажеме дека Македонија и Турција имаат и заедничка историја особено на почетокот на 20 век, кога повикот на револуција и соборувањето на автократскиот режим на султанот Абдул Хамид II, биле приоритет и за Турците но и за Македонците во тогашна Румелија.

Во нашата историја запишано е дека од Велес, тогаш Ќупурли, заминала за Турција една чета со 95 доброволци за Истанбул, да учествуваат во Младотурската револуција.

omer sefedin

Меѓутоа, моите сознанија се дека од Велес за Стамбол тргнале две чети доброволци поткрепени со записи во дневникот на турскиот офицер Омер Сефедин. Тој за деновите петок и сабота, кога тргнале четите со доброволци од Велес, запишал:

„Специјален воз дојден е од Скопје. Постои манастир тука, во Копрулу. Ова е ден кога манастирот има ден за славење (станува збор за празникот „Петок балаклија“ з.н.) . Ги напишав сите набљудувања од денот. Јас сега ќе се приклучам на другите надвор и ке ја гледам парадата на верниците во посета на манастирот.
Војници ќе ја пратат поворката се до пред Манастирот. Ќе ги почекаат таму да ја исполнат својата мисија и ке ги допратат назад на станицата, под Саатот ! Зошто ова го правиме?
Иако не се муслимани, нивната вера е јака! Доаѓаат тука на денот, бидејќи веруваат во нивниот светец. Тоа мораме да го почитуваме. Затоа и беше Хуриетот, затоа ќе одиме во Истанбул да се бориме против тиранијата и не еднаквоста.“

Јас ќе појаснам дека се работи за опис на настани поврзани со празнувањето на христијанскиот празник „Источен петок – балаклија“, точно една недела после Велигден, кој го празнува велешкиот манастир „Св.Димитрија“.

Овој празник, во православието е всушност универзален празник посветен на мајката на Исус, Света Богородица. И во Истанбул, во неговиот централен дел постои исто таква црква која го слави истиот празник. Кога јас ја посетив, видов дека таму и Христијанки и Муслиманки се молат за здравјето на своите деца, подеднакво посветени на таа цел.

А во дневникот на турскиот офицер Омер Сефедин потоа пишува:

„Денес е петок. Волонтерите пристигнуваат. Баталјонот резервисти се пополнува. Сите мои другари од вториот баталјон се веќе спремни и го предвидуваат нашето распоредување. Освен турски доброволци, од редот на војската, во првиот батаљон има христијани, но и куцо-власи, роми, арбанаси. Ќе го оставам своето драго куче Котон кое не ме напушти во изминатите пет години, на ветеринарот, Мазлум бег. Целосно сум подготвен за заминување, а Ќупурли – нема да го заборавам .“

Според овој дел од записот на офицер Омер Сефедин заминувањето на доброволци од редовите на локалното, велешко, население е посебно регулирано. Батаљонот резервисти е регрутиран во зграда на почетокот на месноста викана „Поток“ во тогашен Велес, што служела како регрутен центар на регуларната турска војска. Денес од таа зграда се останати само темелите, но стари велешани многу точно и прецизно ќе Ви кажат дека тука бил регрутниот центар!

Исто така, Вториот батаљон бил составен од турски доброволци, од редовите на регуларната турска војска,аскерот, како и други видни Турци, кои изразиле желба да бидат на страна на Младотурците. Овој батаљон имал околу 120 доброволци, а првиот батаљон околу 67 не-турски доброволци.

Ова се податоци на Омер Сефедин, еден од учесниците и водачите на Младотурската револуција, кој подоцна е основоположник на литературниот Турски јазик! Тој пет години бил офицер во турскиот гарнизон во Велес.

Jane Sandanski

Сефедин оставил и свој запис за средбата со македонскиот војвода Јане Сандански, за кого напишал дека биле пријатели. Освен сведоштва за учеството на четата на Сандански во настаните во Истанбул, го опишал и „случајот Мис Стон“. Од овој запис доаѓаме до сосема други податоци поврзани со случувањата околу киднапирањето на мисионерката Стон, кои не му одат во прилог токму на бугарскиот двор и бугарската политика кон Македонија. Но, за тоа ќе пишувам наскоро.

Сега за записите во дневникот на Сефедин во кои тој пишува дека Сандански и неговите 400 востаници биле фактор Младотурците да победат во последната и најкрвава битка во Истанбулската Медреса, кога биле ликвидирани преку 1000 приврзаници (верски фанатици) на Абдул Хамид II. Ова битка била пресудна да падне Истанбул и да се стави крај на крвопролевањето.

Она што кај нас не се знае е тоа што тогаш токму Ататурк му понудил на Јане Сандански генералски чин и други бенефиции, но македонскиот револуционер ги одбил.

И во Мемоарите на родениот велешанец, генералот Ќазим Фикри Озалп, се говори за овој настан и го пренесува разговорот кој се водел на македонски јазик!! Имено, Озалп вели дека зборувале на турски, па преминале на македонски и завршиле на влашки, мајчиниот јазик на Сандански ако се има во предвид дека баба му по мајка била влаинка!

Исто така, ќе ги пренесам и податоците што ги истражив и до кои дојдов а се поврзани со следниве личности:

Peso Samardziev

Војвода Пешо Самарџиев

„Тиквешкиот војвода Пешо Самарџиев е роден 1877 година во село Подлес, велешко. Во 1902 година тој станал член на четата на Петар Јуруков, а три години поминал и во четите на Јане Сандански и на Чернопеев. Две години подоцна Самарџиев станал тиквешки војвода , а во 1905/6 година активно учествувал во чистењето на Тиквешијата од врховистичките чети, дојдени од Бугарија. Убиен е на 12 јули 1906 година меѓу селата Дрен и Клисура. Во неговата чета поминале повеќемина познати тиквешки комити како Лазо Ридов „Асијата“, кој дошол во 1904 година, Иљо Мишев -Боцев (до 1905 година), тиквешкиот војвода Васил Пачаџиев, кој од Банско, Пиринска Македонија дошол во 1903 година. Пачаџиев бил во четата на Добри Даскалов, а во 1909 година учествувал во Младотурската револуција во Цариград. Тој починал во Кавадарци во 1942 година.

vasil patcadziev

Војвода Васил Пачаџиев

lazo asijata

Војвода Лазо Ридов – Асијата

Учеството на борците и војводите од Тиквешијата во Младотурската револуција е поврзано со поаѓањето за Истанбул на Втората тиквешка чета, составена од доброволци, Турци и христијани, предводена од Хусни бег Алибегов заедно со Лазо Ридов „Асијата“. Таму оваа чета учествувала во борбите за задушување на контрареволуцијата што ја предводел султанот Абдул Хамид II . Во четата биле и кавадарчаните Ордан Нетков, Димо Ицев – Ефендијата, Ѓело Ѓелев, Ристо Маренчев, Наќо Ѓелов – Малинков и други. .

Ова е само дел од заедничката македонско-турска историја. Ако сакате подробно да читате, пронајдете ги шесте тома од мемоарите на Ќазим Фикри Озалп, турски генерал роден во Велес и прв младотурски генерал со 4 ѕвезди, за кого се вели дека бил десна рака на Ататурк. Тие содржат голем број на проверени и точни историски податоци од посочениот период.

Вашиот хроничар
Љупчо Данов

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.