Велешани збунети од скапиот пазар, очекуваат барем летово да јадат ефтин пинџур
Објавено: 5 јуни, 2015, во 12:09 часот
Изгор високи цени на овошјето и зеленчукот на Градскиот пазар во Велес. Цената на килограм домати се движи од 30 до 70 денари, за 60 и 80 денари се продава и килограм пиперки. Боранијата денеска чинеше 100 денари за килограм. За разлика од минатите години со драстична високи цени на пазарот е сезонското овошје. Праските и кајсиите се продаваат по 120 денари за килограм. Нешто помалку чинат јагодите и црешите но и тие држат цена од 80 до 120 денари. Граѓаните се жалат, велат пазарот никогаш досега не бил волку скап. На еден пазар за потребите на четиричлено семејство се потребни дури 1000 денари.
„Многу е скапо. Еве што земав, една торба не наполнив а потрошив многу пари. Не знам каде ќе ни биде крајот“.
„Најосновните производи, доматите и пиперките се многу скапи, јас не знам што е ова. Ако порано купував од се по два килограми сега морам да редуцирам. За овошјето па да не правиме муабет, ретко кој може да даде 120 денари за еден килограм“.
„Пазарот е навистина многу скап. Сега само еднаш неделно ќе си одиме и ќе купуваме само тоа што ни е најнеопходно“, велат пазарџии.

Градинарите велат дека вака високите цени се последица на дождливото време и поплавите. Иако не без многу изразени во велешко, прекумерната количина на вода во градините во Речани, Шорка, Башино Село и Караслари им го скапа родот а бербите им ги преполови.
„Јас грашок континуирано произведувам во Каратманово.Одгледувањето оваа година ми е најтешко. На нивите веќе немам берби а други години сум берел се до крајот на месец јуни. Денеска кога понудив килограм грашок за 35 денари, ги слушав коментарите на граѓаните и знам дека тоа за нив е скапо, но верувајте производството не е ефтино ниту за мене“.
„Ова се први количини на пипер кои што ги берам. Мојата градина е во Речани и ако не го продадам лутиот пипер по цена од 70 денари за килограм верувајте дека работата нема да ми се исплати“.

На ова пак граѓаните со коментари дека годинава очекуваат барем да продолжат да го приготвуваат традиционалното македонско јадење пинџурот. Затоа се надеваат дека земјоделците ќе попуштат со цените на доматите и пиперките./Д.С


