СДСМ: „Училиштето во Демир Капија е претворено во партиско училиште на ДПМНЕ“
Од општинската организација на СДСМ Демир Капија денеска на прес конференција обвинија дека основното училиште „Димче Ангелов Габерот“ во овој град било претворено во приватно партиско училиште на ВМРО-ДПМНЕ. Тие реагираат и на преместувањето на наставничка која имала уште пет години но била испратена да држи настава во селското училиште во Прждево.
„ Денеска стоиме пред училиштето „Димче Ангелов Габерот“ во Демир Капија, кое слободно може да се нарече приватно партиско училиште на ДПМНЕ, иако училиштетото и вработените се финансирани од даноците на сите граѓани. Во ходникот на училиштето стојат партиски симболи. Слика со лав на ѕидот до канцеларијата на директорката на која пишува ВМРО итн. Но, обидот за создавањето на ова училиште во приватно партиско училиште на ДПМНЕ, продолжува и со протерувањето на наставници. Најнов пример е преместувањето на наставничката, која е само 5 години пред пензија, во подрачното училиште во село Прждево. Иако со долгогодишен стаж и без дамка во кариерата, само поради тоа што не е член и подржувач на ДПМНЕ оваа наставничка беше протерана од ова училиште.Тоа е начинот на кој функционира ВМРО-ДПМНЕ. Со уцени, со притисоци, со закани, со отстранување на неистомислениците“ рече на прес конференција пратеникот на редовите на СДСМ, Бетиан Китев.
Тој порача дека наскоро ќе завршеле сите притисоци и доаѓал животот кој го избрале граѓаните.
„ Доаѓа време на квалитетно образование каде повторно на површина ќе избијат квалитетот и знаењето! Образованието во својата суштина треба да биде инклузивно, непристрасно и да подучува на правилни вредности. Од успехот на образовниот систем, во голема мера зависи и иднината на нашите деца. Изминативе 10 години под власта на ДПМНЕ, образованието беше целосно понижено, девалвирано и подредено на партиските интереси на фамилијата на власт“ нагласи Китев./А.Д