Велешка концерна вечер на брилијантни клавирски изведби на светски познати класични дела од музички талентираниот Никола Спасев (фото и видео)
Објавено: 23 јули, 2026, во 10:42 часот
Осумнаесет годишниот Никола Спасев е средношколец, ученик во Медицинска насока на ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес и музички талентирано момче кое, вчера вечер, во Ликовен салон на присутната публика преку извонредно музицирање на клавир и прикажа врвни изведби на Програма составена од дела на светските класични автори како Бах, Чајковски, Бетовен, Моцарт, Шопен и Пјацола.

Тоа што по концертното преставување може да се констатира за овој штотуку медиумски откриен музички талент е впечаток за врвна изведба на клавирски тон, особено на композиции кои се добро познати дела на врвните музички автори. Иако Спасев не се образувал преку посета на музичко училиште неговиот главен адут е талентот развиван со помош на ментор – професор како и музички педагог, секојдневно музичко вежбање и огромна поддршка од семејството.

Менторката Габриела Бачманова – професорка и педагог по музика, најпластично објасни како ова младо момче од Велес веќе стигна на листата на откриени македонски музички таленти, по само три годишна заедничка подготовка која што е крунисана, во два наврати, со освоени максимални 99 поени и први места на значајни натпревари. Првиот е Државниот натпревар „Сергеј Михајлов“ во Штип и вториот, поточно Меѓународниот музички натпревар во Италија каде во конкуренција со таленти – аматери од 30 земји во Европа, Спасев е победникот.
Во разговорот со Никола Спасев, иако преку скромни и претпазливо одговорени новинарски прашања, од ова младо момче слушнаме дека до постигнување на врвни резултати може да се дојде со лична амбиција, со развивање на талентот преку секојдневно двочасовно вежбање и особена посветеност и практикување на дадените совети од страна на професорката – менторка. Тоа што остави посебен впечаток е идејата на Спасев за спојување на музиката и медицинската наука, за кои што тој веќе се определил, преку усовршување и практикување на Музикотерапија.
Концертот на Никола Спасев, вчера вечер, во Ликовен салон претставуваше несекојдневно уживање за 60-тина присутни негови другари и пријатели како и гости на неговото семејство. Неговата најава за второ концертно претставување треба да биде предизвик како за синоќешните така и за велешани кои можеби незнаат дека во нашиот град се родило, живее и музицира, младо момче за чиј талент и виртуозност на пијано и на клавир ќе се пишува и говори не само дома, во Велес и во Македонија туку и на многу подалечни дестинации во светот каде се организираат интернационални музички натпревари.
Убавка Јаневска
Фото галерија






