„Тоа и тоа“ на крај на кавадаречката културна есен!
Шеесет дена Кавадарци живееше и пулсираше во ритамот на културните случувања. Многу промоции, ликовни изложби, театарски претстави концерти беа на програмата на манифестацијата културна есен. Ова е последна недела, а за крај е планиран спектакуларен целовечерен концерт. Ќе се одржи, на шести декември, кога ќе настапи групата “Тоа и тоа“ составена од Венко Серафимовски, Љупчо Трајковски-Фис, Бошко Доневски и Мики Јовановски-Џафер.
На прес конференција директорот на Домот на културата “Иван Мазов-Климе“, Владимир Темков, искажа задоволство од големиот одѕив на кавадарчани на сите настани кои беа дел од културната есен.
“ Кавадарци може да се вброи во градовите кои се бренд во културното живеење. Бренд за Кавадарци е токму ова манифестација, културната есен“ рече Темков.
“Секогаш сме посебно расположени кога доаѓаме во Кавадарци. Прво публиката ја сака и обожува музиката која ја свириме, а Кавадарци е град и на нашиот пријател Трајче Каров. Ќе свириме рок класици. Од доцните шеесети и раните седумдесети, меѓутоа во автентични аранжмани. Се потврди дека публиката ја сака оваа музика и во ова време на ритам машини и интернет, луѓето сакаат да слушнат нешто ново. Почестен сум што свирам во група во која настапуваат легенди , “ рече Венко Серафимовски.Тој ги покани кавадарчани на целовечерниот концерт што ќе се одржи во четврток.
Добра забава вети и мајсторот на бас-гитара Љупчо Трајковски-Фис. Нагласи дека евергрините кои тие и ги нудат на публиката се едноставни за слушање и за уживање.
