Законски да се овозможи рамноправно учество на лицата со попречености на пазарот на трудот

Објавено: 26 септември, 2026, во 10:57 часот

Информативна сесија за Предлог Законот за вработување и професионална рехабилитација на лица со попреченост се одржа во Велес на која што на оваа категорија на граѓани им обезбеди навремени и релевантни информации за можностите, правата и механизмите во областа на вработувањето и професионалната рехабилитација. На сесијата присуствуваа членови на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености, нивни родители/старатели, асистентите и претставници на институции. Недостасуваше присуството на претставниците на Агенција за вработување и работодавачи.

Инаку, сесијата поттикна дијалог и понуди соработка на лицата со попреченост со институциите, работодавачите и граѓанскиот сектор.

Откако Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, неколку години спроведувајќи го проектот „Заедно сме посилни 2“,  работеше на работно оспособување на девојките и жените со попреченост,сега ги вклучи и момчињата, исто така, одлучи да се посвети на новиот Предлог Закон за вработување и професионална рехабилитација.

-За нас новиот Закон е од големо значење и очекуваме  што побрзо да се донесе,  за да можат лицата со попреченост да бидат инклузирани во работниот процес во скоро сите фирми коишто имаат над 50 вработени, објасни Далиборка Златева претседателка за здружението.

Тоа што е ново и поврзано со потребите на лицата со попреченост е предлогот за  проценки како на работоспособноста на лицата со попреченост така и на работните места за вработување се со цел тие да се најдат како рамноправни граѓани на пазарот на труд. За тоа ќе биде потребна поддршка од работодавачите во делот на прилагодување на работното место според потребите на овие лица.  

Исто така, Предлог Законот за вработување и професионална рехабилитација  на лица со попреченост ќе треба да ги опфати и лицата кои досега не биле вклучени во заштитни друштва и да понуди нивна инклузија на отворениот пазар на труд за да се премостат досегашните покажани слабости

– Затоа новото решение за лицата со посебни потреби  нуди една поинаква инклузија, поточно рехабилитација и учење на нови вештини коишто ќе одговараат на потребите на работодавачите.Секако тука  посебно е  важно  обезбедувањето на квоти во фирмите и институциите за лицата со попреченост согласно сите правни форми кои ќе овозможат вклучување во востановен работен процес. Тоа се формите на учење, практично спроведување на наученото во реалниот  живот, со менторство и поддршка, како и креирање не само на просторот каде што работат  туку и нивно прифаќање од останатите работници.  Најважно е да се подигне свеста на останатите вработени и на работодавачите за прифаќање на потенцијалот кој го поседуваат лицата со посебни потреби. Факт е дека тој е неверојатно голем и може многу  да придонесе во севкупното работење на фирмите, потенцира Сузана Трајковска од Фондацијата „Сизигија“ од Битола.  

Особено значајни беа презентираните добри практики од европските земји на Далиборка Златева која што посочи примери од Шведска каде е важно тоа што постои изградена вестност за овие лица од страна на нивни сограѓани и работодавачи. Затоа таму постојат лица со слепило кои се лидери во работата и тоа во сложени работни процеси,како што е информатика, кои дури се и поуспешни  од нивните колеги во фирмите.

Вакви примери има и во Македонија, додаде Златева, посочувајќи ја младата Ана која остварува поголема продуктивност од нејзините колешки за што важи за пример во фирмата.

Од сесијата беа упатени пораки за целосна инклузија на лицата со попречености во  општеството, поголема соработка со работодавачите и институциите и  поскоро донесување на овој важен закон.

Проектот „Заедно сме посилни 2“ финансиски е поддржан од шведската Фондација „Квина ту Квина“ .

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.