Спортска сала „Гемиџии“ се реконструира, проектот чини скоро 23 милиони денари
Објавено: 21 септември, 2026, во 14:09 часот
Се реконструира спортска сала „Гемиџии“ во Велес. Во спортскиот објект се поставува нова водоводна и електрична инсталација, комплетно се интервенира во санитарните јазли и се обновуваат соблекувалните. Објектот има и интервенции во делови од архитектурата. Реконструкцијата се очекува да ги подобри условите на велешките спортисти за тренинзи, за натпревари како и за одржување на спортски настани.

Увид во изведувањето на градежните работи, денеска, имаа министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Велес Марко Колев. Тие соопштија дека Министерството за спорт во вкупната вредност на проектот, која што изнесува 22.900.000 денари, учествува со 15.690.000 денари додека Општина Велес со 7.200.000 денари.

Според градоначалникот Марко Колев, општина Велес решава суштински проблеми кои со години го отежнувале функционирањето на спортската сала „Гемиџии“ по што ќе стори напори да обезбеди средства и за замена на подот и обнова на трибините.

Реконструкцијата на спортскиот објект за министерот Ристовски претставува вложување во спортската инфраструктура и во новите генерации на велешки спортисти, кои треба да имаат современи услови за тренинг и натпревари.
Убавка Јаневска


