Почнува запишувањето во средните училишта
Запишувањето во прва година средно образование во учебната 2021/2022 година почнува денеска и ќе трае во наредните три дена. Според Конкурсот на Министерството за образование и наука, во јавните средни училишта слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши согласно распореди подготвени од училиштата.
Во јунскиот уписен рок има три пријавувања и запишувања – првото е на 14 јуни од 12 до 19 часот, на 15 и 16 јуни училиштата ќе примаат пријави од 7 до 19 часот и на 17 јуни – од 7 до 15 часот.
Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 17 јуни по 16 часот.
Квалификациското тестирање ќе се организира во училиштата на 21 јуни 2021 година и тој ден ќе бидат објавени конечните ранг-листи со резултатите.
Второто пријавување овој месец е на 23 и 24 јуни, а третото е на 30 јуни. Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, односно на 23 август 2021.
Од вкупниот број слободни места во прва година средно, 19 602 се во стручно образование во 604 паралалеки, 9261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1190 места во 35 паралелки се за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и за математичко-информатичка гимназија.
Во фокусот на МОН годинава е средното стручно образование и затоа пролетта организираше кампања „Учи паметно, работи стручно“ во општините низ земјава, во соработка со стопанските комори, локалните самоуправи и средните училишта, за да се утврди кои се потребните профили што треба да се отворат во одредено училиште или кои треба да се стават во мирување. Целта на проектот беше да се креира уписна политика која им одговара на сите, а најмногу ќе придонесе за намалување на младинската невработеност и за развој на економијата во државата.
Со годинашниот Конкурс, отворени се 97 дуални паралелки (во 46 средни училишта во 25 општини), кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование и зголемен обем на практична обука за 2001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постојните програми, а 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училишта и компании кои изразиле подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место.
За да се мотовираат учениците да се запишат во средно стручно образование, воведени се и стипендии во текот на деветте месеци од идната учебна година: две илјади стипендии во вредност од 3.500 денари за сите ученици кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование, а 200 стипендии од 2.200 денари ќе им бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки, како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.