Со премиера на „Орестија“на театар „Џинот“ и на НОБ започнува ИФАД „Стоби 2021“
По две годишна пауза, од трети до седумнаесетти август ќе се одржи 18 издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалската програма предвидува дванаесет настани кои ќе бидат реализирни на неколку локации.
-Општо е познато дека велешанки и велешани се најдобра театарска публика во нашата земја, воопшто не се сомневам дека и оваа година масовно ќе ги проследат претставите и дека ќе уживаат во актерските, режисерските, сценографските, костимографските и танчерските достигнувања на театрите кои ќе настапат, и тоа од Австрија, Босна и Херцеговина и од нашата земја , рече Градоначалникот Коцевски.
Официјалната селекција, под мотото „Нови ритуали“, обединува шест претстави: „Орестија“, копродукција меѓу домаќинот НТ J.H.K Џинот, Велес и Националната Опера и Балет, „Орестија 1/4″, дел од проектот Chorus, продукција на МКЦ Скопје, „Протеј, парче сеќавање кое недостасува“, исто така дел од меѓународниот проект “Chorus”, продукција на Театар Ам Ленд, Грац, Австрија, „Бахки, краток преглед на распадот“ – продукција на НТ Битола, „Исмена“, техничка копродукција на НТ Џинот, Велес; „Едип: коментари“ – премиера на НУЦК Ацо Шопов, Штип. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, копродукција меѓу „Перипетија“, МНТ и НП Зеница која ќе биде изведена во чест на лауреатите. Селектор на годинешното издание на фестивалот е директорот на театарот Ј.Х.К. Џинот, Сашо Димоски.
-Покрај официјалната селекција, во рамки на годинешното издание на ИФАД Стоби ќе биде промовирана и фестивалската публикација „Нова античка драма“, издание на „Полица“, ќе биде поставена изложбата „Вита“ од Филип Петковски, а во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан, под отворено небо, циклус филмови на Бранко Гапо, додаде Димоски.
-Одлучивме да се втуриме во една нетипична авантура за нас бидејќи нас драмата не ни е основна форма преку која што ние се изразуваме. Но решивме да влеземе во една авантура, експеримент и заеднички да се оствари едно маркантно сценско уметничко дело“, рече програмската директорка на НОБ Евица, Тасевска Каранфиловска.
Годинешната програма на ИФАД Стоби ќе се реализира на археолошкиот локалитет Стоби, во театарот Ј.Х.К Џинот и во Шато Сопот.
Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби е дел од годишната програма за работа на Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а покрај Министерството за култура и Општина Велес, годинешни помагатели на фестивалот се: Маркарт, Дрекслмаер, Шато Сопот, Симит Петрол, Печатница „Ива“ и Изворска, а наградите за лауреатите ги обезбедува „Божиновски накит и часовници“.
Билтетите за изведбите на фестивалот се веќе во продажба на билетарницата на театрот по цена од 200 денари.