Ќе се спасат ли и кога велешани од бездомните кучиња? (ФОТО)
„Во сметката за вода на ЈКП „Дервен“ во Велес да се додаде ставка за одржување на прифатилиште која не би изнесувала повеќе од 10 денари и не би претставувала дополнителен товар на буџетот на граѓаните“. Вака пишува во предлогот на граѓанин чиј одговор стигна на јавната анкета што тимот на Дума.мк ја објави на веб порталот и на социјалните мрежи. На тој начин, според предлогот, бенефит ќе имаат сите, уличните кучиња ќе добијат хуман третман и подобри услови за живот, ќе се зголеми безбедноста на граѓаните, ќе се намали невработеноста во градот, а вработените во прифатилиштето ќе добијат соодветна плата за ангажманот.
Овој предлог од граѓанин без размислување го прифати велешанецот Виктор Мазнев. Но, наместо парите да се вложуваат во стационар, тој предлага да се користат за ангажирање на повеќе комунални редари и ветеринарни инспектори кои секојдневно ќе бидат присутни на улица.
Тој е поборник за казнување на граѓаните кои лесно се откажуваат од домашните миленици и ги оставаат на улица. Мазнев смета дека потребно е санкционирање и на луѓето кои носат кучиња од други градови во Велес. Неговото десетгодишно искуство со згрижување и вдомување на улични кучиња, по примерот на повеќе европски земји, говори дека неопходно е и во Велес да се применува задолжителен годишен преглед кај ветеринар, чипирање и стерилизирање и на сите домашни миленичиња. Така ќе се открива, вели тој, кој се откажал од своето куче и го пуштил на улица.
-Добра практика од европските држави, се големи казни за сопствениците кои ги напуштаат своите миленици. Тие што не ги стерилизираат кучињата и плаќаат данок на државата. Има и други примери како што се сопственик кога остава куче во стационар плаќа за неговиот престој, додаде Мазнев.
Овој познат љубител и згрижувач на бездомни животни процени дека на велешките улици има околу 200 кучиња кои шетаат или лежат насекаде во Велес. Поточно на тротоари, во паркови, на плоштади, покрај фонтани па и на споредните улици. Дел од нив се агресивни, касаат луѓе а нивниот лаеж ги плаши како децата така и возрасните. Граѓаните особено се вознемирени кога треба да поминат покрај нив, ноќе во неосветлените маала и сокаци на Велес.
И покрај тоа што Општина Велес има склучено договор со пансионот за кучиња „Ристе Гиовски тим“, сепак исплаќа во просек по над 2,5 милиони денари годишно за оштета на граѓани каснати од куче. Во изминатите осум месеци од општинската каса се исплатени 2.393.205 денари. Минатата година, по основ на тужби исплатени се рекордни 2.673.481 денари оштета на 45 граѓани или за еден милион денари повеќе од 2018 година кога каснување од куче пријавиле 22 граѓани. Во 2019 година пак биле исплатени 2.266.014 денари на 32 граѓани. Овие пари општината можела да ги инвестира во изградба на два нови парка, како што е последниот, изграден во Комплекс УЗУС. Тој е со површина од 6.000 м², хортикултурно уреден, со пешачки патеки во должина од 670 метри, осветлен со 20 канделабри, урбана опрема, детски реквизити и справи за вежбање. Ако се изграделе уште два вакви парка, граѓаните на Велес ќе добиеја уште 12.000 м² нова парковска површина и засадени дрвја.
Велешанецот Ване Михајловски на сопствениот фејсбук профил јавно објави коментар по сведоштво на истоварање на кучиња од комбе, без регистарски таблички, кај велешката градска депонија. Депонијата се наоѓа до регионалниот пат Велес – Штип, на самиот излез од градот. За Дума.мк Михајловски изјави дека поголем број на кучиња биле пуштени од комбето.
„Возев велосипед кога бело комбе запре и за неколку секунди возачот ја отвори задната врата и ги пушти кучињата кои се растрчаа кон и околу депонијата. Не успеав да го фотографирам комбето бидејќи возачот ме забележа и веднаш избега. Јас случката ја пријавив во Ветеринарна станица во Велес“, додаде Михајловски.
Ова не е единствено сведоштво. Постојат и други, на граѓани кои не сакаат јавно да говорат но, пријавуваат во СВР Велес и во Ветеринарна станица Велес, како со комбиња од други градови се носат кучиња.
Директорот на оваа здравствена организација д-р Димче Димитриевски потврди дека стотина кучиња, што сега се внатре, во градската депонија за отпад, се донесени од други градови.
„Тоа е сериозен проблем за кој што градоначалникот Аце Коцевски постојано ја информира јавноста. Што и да се прави во градот, ако постојано се носат кучиња од други градови, проблемот не може да се реши. Кога ние ветеринарните лекари влегуваме во депонијата сме особено претпазливи. Дел од кучињата што не се агресивни успеваме да ги заловиме заедно со пансион „ Ристе Гиовски тим“, но има и такви до кои не може да се дојде поради нивната агресивност. Во изминатите три месеци, од градските улици во прифатилиштето на ветеринарната станица се медицински третирани и чипирани 150 кучиња или просечно по 50 во еден месец“, додаде Димитриевски.
Во прифатилиштето на оваа здравствена организација има 20 бездомни кучиња. Тие медицински се истретирани и чипирани. Поголемиот дел од нив се социјализирани. Но до три, пристап можат да имаат само ветеринарните лекари. Тие се агресивни. При нашата посета на овој дел на станицата каде што се сместени боксовите ,од `ржење и лаење на агресивните, се вознемирија сите останати кучиња.
Со овој капацитет и со 40 боксови на пансион „Ристе Гиовски тим“, ако моментално во градот има 300 бездомни кучиња, проблемот во Велес тешко може да се реши.
Единствено, системско решение може да понуди само Владата, смета Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски. Тој коментирајќи го предлогот на граѓанинот во анкетата на Дума.мк рече дека дополнително би се оптовариле семејните буџети на велешани. Коцевски окрива дека проблемот го актуелизирале на седница на Влада.
-На седница на Владата на која присуствував, како претставник на ЗЕЛС, постигнавме согласност за формирање на комунална полиција со која сметам дека и овој проблем најлесно ќе се реши. Останува да се изготви законското решение и да влезе во владина процедура, додаде Коцевски.
Засега не е познато кога Владата ќе го „чешла“ Законот за заштита и благосостојба на животните и ќе ги вметне договорените измени. Нив ќе треба да ги гласа Собранието на Република Северна Македонија.
Дотогаш, општините се тие кои според делегираната надлежност и законската обврска треба да го решаваат проблемот со уличните кучиња, преку редовни контроли од страна на комуналните редари и комуналните инспектори, гласи ставот на Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму се децидни и тврдат дека според законот, општините се надлежни за воспоставување на систем за контрола на бездомни кучиња.
Тим на Дума.мк