Проблемот со калта и водата на гробиштата кај „Св. Спас“ ќе се реши но за изметот од добитокот зависи од совеста на стопаните
Чешмата и особено водата од цементното корито што се слева по патот кој води кон гробните парцели на велешани во црквата „Св. Спас“, надвор од оградениот камен ѕид, на дел од нив им создава проблеми. До Дума.мк пристигна пишана реакција на граѓанка која побара решение на овој и уште неколку проблеми со конкретни одговори од надлежните институции. Како што пишува во дописот на велешанката „граѓаните коишто Ги посетуваат вечните почивалишта на нивните блиски поради вировите и калта не можат да пристапат до чешмата за да наполнат вода што им е потребна за уредување на гробните парцели“. Исто така, таа посочи дека на гробните места шетале и газеле животни и стока коишто оставале измет.
Надлежен во Велес за одржување на гробните парцели е ЈКП „Дервен“. Оттаму одговорија на поставените прашањата на Дума.мк со тоа што соопштија дека ги знаат проблемите на граѓаните и барале решение но не успевале во целост да ги решат. Тоа го аргументираат со тоа што во два наврати се обиделе да ги заградат гробиштата со столбчиња и жица кои биле цел на крадци. Минатата година, по втор пат, била реализирана активноста за оградување на постоечките гробни парцели но исто како и претходно столбчињата и жицата не останале на местата кадешто ги поставиле ниту седум дена. Двете кражби се пријавени во СВР Велес и за тоа постојат документи. Исто така, проблем со поставувањето на ограда создава и пат што мине низ гробните парцели и води кон крајниот дел на велешката населба Рамина. Патот се користи за поминување на возила и транспорт на стоки од страна на тамошните жители.
Освен одговорите на управата на ЈКП „Дервен“ во контакт со раководителката на Сектор водовод, Родна Јанева, на Дума.мк и беше соопштено дека проблематичната чешма и цементно корито претпријатието го изградило за сопствени потреби, поточно за вработените во службата за одржување на хигиена и за чуварите но не и за потребите на граѓаните.
-Чешмата, за којашто прашувате, не треба да ја користат граѓаните. За нив има изградено чешма во самиот двор на црквата. Таа чешма располага со сите услови за полнење на вода и има и цементно корито кадешто може да се измијат предметите од гробните парцели. Тоа што проблематичната чешма е активна е резултат на барање од граѓани но ако таа создава сериозни проблеми тогаш комуналното претпријатие ќе најде решение како да ја користат само вработените а потоа и да се исклучува за да не им создава проблеми на сопствениците на гробните места, додаде Јанева.
За проблемот со изметот од магарињата и коњите, на двајца сопственици, коишто живеат во непосредна близина на гробиштата, Дума.мк одговор побара од Сектор комунална хигиена поточно од Одделение за гробишта. Оттаму соопштија дека во повеќе наврати се правени обиди за спречување на сопствениците да ја пуштаат стоката слободно да шета низ гробните парцели. Освен пријавите до СВР Велес испратени се и писма до Агенција за пасишта, којашто е надлежна за издавање на дозволи на напасување на стока како и до Ветеринарна станица Велес, се со цел сопствениците на гробните парцели да ги немаат проблеми што ги посочуваат.
-Чуварите и работниците за одржување на хигиена имаат обврски да ги чистат од смет и кастрат дрвјата како и да ја косат тревата на патеките, помеѓу гробните парцели. Уредувањето внатре во гробната парцела е обврска на сопствениците. Имаме сериозни проблеми, како јавно комунално претпријатие, со влегувањето на стоката на парцелите што се составен дел на гробиштата на црква „СВ. Спас“. И покрај пријавите и писмата до агенцијата не може да се искоренат навиките на сопствениците на магариња и коњи да не ги пуштаат на напасување во гробните парцели. Кражбите се чести исто како и нарушувањето на редот на самите гробни места. Ќе додадам дека е тоа што на пет локации поставени се корпи и на две канти за смет во коишто поголем дел од граѓаните коишто ги посетуваат гробните места го фрлаат сметот. Таа количина на смет редовно се изнесува, рече раководителот Гане Циунов.
Тој додаде дека по последното невреме, изминатава сабота, се урнал и дел од камениот ѕид околу црква „Св. Спас“ на чие што санирање во моментов тие работи.
Дума.мк исто така ќе обезбеди став и од СВР Велес како и од Агенција за пасишта се со цел да се понуди трајно решение на проблемите на граѓаните со влегување на стоката на гробните парцели на Црква „Св. Спас“.
Убавка Јаневска