Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци: Јанчев вети нови 180 проекти
Нови 180 проекти, поубав и по безбеден град им вети вечерва на кавадарчани од митингот во Кавадарци, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев. Тој се осврна на реализираните проекти во изминатиот четири годишен мандат и ја побара поддршката за уште еден мандат.
„Го решивме проблемот со згрижување на деца во детски градинки, изградивме и реновиравме спортски објекти, изградивме скејт парк, велосипедско пешачка патека, инфраструктурата за четири години значително е подобрена, не ги оставивме и селските месни заедници. Кавадарци стана плодна почва за учење почнување сопствен бизнис, Кавадарци стана безбеден и мирен град за живеење“ рече Јанчев.
Од митингот на градскиот плоштад, тој порача дека Кавадарци ќе ги усвои стандардите на Европската Унија, а граѓаните ќе живеат во посилна, побогата и понапредна општина.
„ Нудам над 180 проекти остварливи и важни. Заедно со советничката група ќе ги реализираме сите до крај. Оброк за секое дете од прво до петто одделение. Истиот проект ќе продлжи понатаму и до девето одделение., Потоа ќе се гради мол, спа центар. Ќе изградиме бејби зоо, интересен проект кој ќе ги израдува најмногу најмладите. Ќе изградиме обиколница која ќе овозможи во Кавадарци да се намали протокот на тешки товарни возила. Ќе се залагам за чиста и здрава животна средина“ вети Јанчев и му го честита роденденот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ветувајќи му за подарок убедлива победа на 17 октомври.
Поддршка за Јанчев од граѓаните на Кавадарци вечерва побара и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Тој рече дека овие избори биле важни за иднината на земјата.
„Ова се избори на кои се одлучува во каков правец ќе продолжи нашата Македонија. Не се парламентарни, но се тест, каква порака ќе испратите. Знаете дека не се живее подобро. Го одземаат човечкото достоинство, човечките животи се губат. Починаа повеќе од 6000 граѓани, на брутален начин изгореа 14 луѓе“ рече Мицкоски и ја критикуваше актуелната власт, за која посочи дека била најдобра во корупција и криминал.
„Советниците и градоначалникот ќе бидат ваши слуги“ им рече Мицкоси на кавадарчани. Најави илјадници проекти низ општините во земјава.
Ангел Данов