СЗЛДМ бара итно зголемување на термините и подобра достапност до специјалистички прегледи за лицата со дијабетес

Објавено: 27 мај, 2026, во 16:04 часот

Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија (СЗЛДМ) денес до Министерство за здравство и Фондот за здравство достави ново барање, за нив од суштинско значење, затоа што голем број (околу 40%) од пацинетите не се во можност да извршат регуларни навремени прегледи за состојбата со дијабетесот и можни компликации од дијабетес.

Барањето се однесува на итно зголемување на термините и подобра достапност до специјалистички прегледи за лицата со дијабетес во Македонија.

„Сојузот подолг временски период укажува на потребата од подобрување на пристапот до редовни, навремени и континуирани специјалистички прегледи затоа што редовните контроли претставуваат основен и неопходен дел од здравствената грижа за лицата со дијабетес за следење на текот на болеста, се проценува здравствената состојба и се одредува соодветната терапија, неопходна за успешно секојдневно менаџирање на дијабетесот. Подеднакво значајно е и навременото реализирање на прегледите за рано откривање, следење и третман на компликациите од дијабетесот, со цел обезбедување поквалитетен, подостоинствен и поздрав живот за пациентите,“ соопштија од здружението.

Оттаму изразија сериозна загриженост поради ограничената достапност на специјалистички термини и упатија „иницијатива за унапредување на постојните протоколи и процедури за закажување прегледи, како и за зголемување на достапноста на континуирана здравствена грижа за хронично болните пациенти.“

„Околу 4.000 лица со дијабетес тип 1 своите контроли ги реализираат на Универзитетските клиники во Скопје — приближно 650 деца на Универзитетската клиника за детски болести и околу 3.550 пациенти на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања. Дополнително, во голем број општини во државата постои недостаток на доктори специјалисти – дијабетолози, поради што значителен број пациенти се принудени да патуваат во други градови и регионални центри за да добијат здравствена услуга. Ова претставува дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за лицата со дијабетес и нивните семејства,“ додаваат од Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија .

Исто така, потсетија дека Националната програма за дијабетес 2018–2028 како стратешки цели ги утврдува:   поквалитетна и поефикасна превенција, рана детекција и подобрување на квалитетот на грижата и животот на пациентите со дијабетес мелитус преку подобра контрола на болеста и превенција на компликациите како и  редовно следење и контрола на резултатите од спроведените активности, како и подготовка на соодветни анализи и извештаи.

„Овие цели се од исклучително значење за лицата со дијабетес, бидејќи директно ги адресираат приоритетите што здравствениот систем ги утврдил како обврска — превенција, рана детекција, редовно следење и контрола на резултатите, што е возможно за обезбедување на оптимизиран квалитет на живот, контрола на гликемии и редукација на хроничните компликации кај дијабетес преку контрола на сите кардиометаболни состојби,“ повторија од националниот Сојуз.

Според СЗЛДМ, од каде бараат средба и заедничка координација, институционална посветеност и партнерски пристап можат да придонесат за пронаоѓање на одржливи решенија кои ќе овозможат подобар, поконтинуиран и подостапен пристап до здравствена грижа за повеќе од 140.000 лица кои живеат со дијабетес во Македонија.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.