Брилијантен настап на учениците на ООМУ „Стефан Гајдов“ – Велес, ја освоија статуетка на 52 Фестивал „Пеце Атанасовски“ (фото)

Објавено: 24 мај, 2026, во 12:01 часот

Учениците од класата за традициски инструменти при ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес, под менторство на м-р Трајче Малинов постигнаа значаен успех на 52 Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, освојувајќи престижна статуетка и диплома за својот настап.

Младите музичари се претставија со изведби на традиционални македонски народни инструменти, покажувајќи исклучителен талент, музикалност и посветеност кон зачувувањето на македонската народна традиција. Нивниот настап беше награден од стручното жири, кое ја препозна автентичноста, енергијата и љубовта кон фолклорот.

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ е еден од најзначајните културни настани во Македонија, кој со децении ги негува и промовира изворните народни песни и инструменти.

Освоената статуетка претставува големо признание за учениците, нивните ментори и училиштето, кое континуирано работи на развој и афирмација на младите таленти.

Од ООМУ „Стефан Гајдов“ истакнаа дека ова признание е дополнителна мотивација за учениците да продолжат со негување на македонското музичко наследство и достојно да го претставуваат Велес на домашни и меѓународни фестивали.

„Горди сме на успехот на нашите ученици и нивниот ментор. Тие покажаа дека младите имаат желба и љубов кон традиционалната музика и дека македонската народна култура ќе продолжи да живее преку новите генерации“, велат од училиштето.

„Оваа статуетка не е само награда, туку потврда дека македонската традиционална музика живее во срцата на младите. Нашата задача е да го чуваме и пренесуваме тоа богатство со љубов, посветеност и почит кон корените,“ рече м-р Трајче Малинов.

„Настапот на Фестивалот „Пеце Атанасовски“ за мене претставуваше голема чест и незаборавно искуство. Да се биде дел од фестивал кој ја негува македонската традиција е посебно чувство и дополнителна мотивација уште повеќе да ја чуваме и претставуваме народната музика пред новите генерации,“ рече Христијан Саздовски. Тој е активен средношколец и член на класата за традициски инструменти.

Со овој успех, младите инструменталисти уште еднаш потврдија дека Велес е град со богата музичка традиција и расадник на талентирани млади уметници.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.