Најголем број од громобранските инсталации во Велес неисправни или ги нема !?
Електричните празнења што вчера, доцна попладне, се случија при обилните дождови во Велес, ја актуализираат потребата од проверка на громобрансите инсталации. Ретко која куќа во градот има поставено громобран додека при изградбата на зградите овој вид на заштита е задолжителен и го има во потребната документација на тие што ги градат. Но колку од нив навистина и ги поставуваат е прашање за коешто денеска побаравме одговор од Tриторијалната противпожарна единица и од општината.
Според командирот на ТТПЕ, Љупчо Лепидовски за жал голем е бројот на згради во Велес, на коишто по промена на покрив или изведување на други градежни работи, громобранските инсталации не се враќаат на местата од коишто се извадени. Исто така, во зградите нема противпожарни црева, хидранти или пак апарати за гаснење на пожари.
-Една од сериозните причини за избувнување на пожар и во куќите и во зградите може да е ударот до гром. Ако ја оценуваме состојбата во градот од овој аспект воопшто не е поволна. Согласно законот и громобранските инсталации на зградите подлежат на задолжителна 24 месечна проверка. Но тоа поранешните куќни совети сега заедници на станари не го прават, а потребно е исто како и проверката на лифтот, одржувањето на хигиената на влезовите, ходниците и скалите. Еднаш институциите треба да се заложат на Заедниците на станари да им кажат да го направат тоа иако познато ми е дека се потреби финансиски средства, но ако има добри услови и ако се обрне добро внимание на безбедноста за општа загрозеност за животите на граѓание, мислам дека ќе ги намалиме пожарите но и жртвите, додаде Лепидовски.
Повозрасните велешани сигурно го паметат ударот од гром на зграда во близина на Трговски центар во велешка Нова населба. За среќа таму немаше жртви но станарите останаа без електрична инсталација и техничките апарати во домаќинствата. Според нивни кажувања при доградбата на покривот од зградата пропуштено било поврзувањето на дел од громобранската инсталацијата.
Иако ова не е единствен случај во Велес, сепак за пожарникарите ова е сериозна тема. Граѓаните преку Заедниците на станари ќе мора да обрнат поголемо внимание за да не се доведат во состојба да го стават сопствениот живот во ризик. Во општината постојат Регистри на станбени згради и на управители според кои точно се знае колкав е бројот на вакви колективни живеалишта кои согласно законот за домување се подложни на контроли на инспекциски служби.
Информациите добиени од таму говорат дека за жал на деведесет отсто на зградите во Велес, по изведени надградби и доградби, громобранските инсталации не се сигурни или ги нема. Точната проценка ќе се знае најдоцна до крајот на годината. На голем дел од зградите надградбите се диво изградени и имаат поднесено барања за легализација согласно донесениот Закон за легализирање.
Громобранската инсталација е скапа инвестиција и ретко кое семејство само може да ја купи и инсталира, но добро би било кога ваков вид на заштита би можеле да имаат и инвидиуалните куќи.
Убавка Јаневска