Ковид пандемијата постои, а болеста ковид-19 е предизвикана од вирус
Ковид-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата коронавирус првично откриен во Кина во декември 2019 година. Докажано е дека коронавирусите се големо семејство на вируси за кои е познато дека предизвикуваат болести кои варираат од обична настинка до посериозни заболувања како Респираторен Синдром од Блискиот Исток (БИРС) и Сериозен Акутен Респираторен Синдром (САРС). Не е точно ниту тврдењето дека нема пандемија, во март минaтата година СЗО прогласи пандемија на ковид-19, а досега во светот има вкупно 240.940.937 потврдени случаи, а бројот на починати е речиси пет милиони – 4.903.911
Во пост на Фејсбук поддржувачи на теориите на заговор, пласираат опасна лага дека коронавирусот не е воопшто вирус и дека ковид пандемијата не постои.
Во постот се вели:
Тие теоретичарите на заговор предупредуваа уште од април 2020 година дека „Ковид“ не е вирус, но луѓето сеуште одбиваат да го видат она што им се покажуваа!
Знаете дека во вистинска пандемија никогаш не би презеле такви мерки ко што го имаме ако се бориме против вирус. А во меѓувреме, јажето се стега.
Тврдењето „ковид не е вирус“ е неточно.
Ковид-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување. Преносот од човек на човек е можен, преку допир и преку капков пат (кивање, кашлање и слично), пишува на специјалната веб-страница koronavirus.gov.mk, посветена на коронавирусот.
Докажано е дека коронавирусите се големо семејство на вируси за кои е познато дека предизвикуваат болести кои варираат од обична настинка до посериозни зболувања како Респираторен Синдром од Блискиот Исток (БИРС) и Сериозен Акутен Респираторен Синдром (САРС).
Новиот корона вирус (КOВИД-19) за првпат се појавил во Вухан, Кина, во 2019 година. Ова е нов вирус кој претходно не е регистриран кај луѓето, се вели во описот на краткото видео прикажано на веб-страницата на светската здравствена организација (СЗО)
Корона вирусите се познати од 60-тите години на минатиот век. Името потекнува од протеинската структура на вирусната обвивка која потсетува на круна. Овие вируси не се невообичаени. Честопати инфекциите се безопасни и минуваат со симптоми слични на грип: треска, кашлица, задишаност, а понекогаш и стомачни проблеми.
Проблемот со овие вируси е што имаат неверојатна моќ на преобразба. Спаѓаат во ткн. РНК-вируси, бидејќи поседуваат рибонуклеинска киселина како генетички материјал. Затоа имаат голема генетска варијабилност. Практично, тоа значи дека тие лесно ја прескокнуваат бариерата меѓу видовите за да си пронајдат нов домаќин, пишува на веб-страницата посветена на состојбата со коронавирусот во Македонија, на која се прикажани информции, графикони и мапи, направени врз основа на податоци од Министерството за здравство и СЗО.
Исто така, не е точно дека нема пандемија.
Во март минатата година СЗО прогласи пандемија на ковид-19, тогаш имаше 118.000 заразени во 114 држави, а бројот на починати лица достигна 4.291.
Според последните податоци од СЗО, пак, заклучно со 19 октомври во светот има вкупно 240.940.937 потврдени случаи, а бројот на починати е речиси пет милиони – 4.903.911.Не е вистинито ниту тврдењето изнесено во постот „дека во вистинска пандемија никогаш не би презеле такви мерки ко што го имаме ако се бориме против вирус“.
Познато е дека пандемските болести, како што се колерата, чумата и грипот се причина за смртта на милиони луѓе во светот. А карантини, мерки за заштита постоеле и се применувале за да се намали бројот на заболени. Заштитните маски биле една од препораките и при пандемијата со шпанскиот грип во 1918 – 1920.
Масовните карантини и рестрикциите, кои беа дел од превентивните мерки во земјава за спречување на ширењето на коронавирусот се применуваа и во сите земји во светот.
Веќе е општо познато дека носењето маска помага во намалувањето на ризикот од ширење и заразување со коронавирусот. Според Мајо клиниката од САД дека носењето заштитна опрема во комбинација со честото миење раце и физичкото дистанцирање од два метра го намалува ризикот од ширење на ковид-19. Истото го препорачуваат и македонските здравствени власти, Светската здравствена организација, Американската асоцијација за контрола и превенција на заболувања и владите на речиси сите земји во светот.
Па имајќи ги предвид горенаведените факти, тврдењата изнесени во постот што го рецензираме ги оценуваме како лажни. Оваа тенденциозна објава на Фејсбук шири невистини за коронавирусот и мерките за заштита од него, притоа опасно ја манипулира јавноста создавајќи сосема погрешна слика за болеста ковид-19 и пандемијата вооопшто.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар