Центарот на Велес, вчера вечер во мрак, по интервенција во Трафостаница кај Градски саат
Уличното осветлување на централната градска улица „8 Септември“ вчера вечер се исклучи и не се вклучи до утринава. Фотографиите коишто до Дума.мк ги испратенија граѓани потврдуваат како изгледаше центарот од 21 часот до 2 часот по полноќ. Електрична енергија имаше во продавниците, во рестораните и во домовите на граѓаните но не и на улицата од зградата на Пошта до паркингот под Градски саат. Исто така во целосен мрак беше и паркингот на комплекс згради Чешел.
На прашањето зошто остана во мрак централното градско подрачје во Велес, поточно не работеше уличното осветлување, портпаролката на ЕВН Вјоса Селими одговори дека електро дистрибутивната компанија не е надлежна за овој дел од електро напојувањето на градот. Таа не упати одговорот да го бараме во Општина Велес.
Одговорниот за улично осветлување во Општина Велес, Жарко Атанасовски за Дума.мк соопшти дека причината за мракот на централната градска улица сепак е предизвикана од интервенција на екипа на ЕВН.
-Проблемот е создаден при интервенција на екипа на ЕВН во Трафостаница кај Градски саат. Интервенцијата е реализирана вчера претпладне. Утрово отстранет е предизвиканиот пропуст при вчерашното интервенирање исто така од вработените на ЕВН, додаде Атанасовски.
Тој констатираше дека вечерва централното градско подрачје ќе биде осветлено.
Убавка Јаневска