Нови рестриктивни мерки само доколку болниците се под голем притисок
Комисијата за заразни болести во петок ќе заседава, во однос на зголемениот број на новозаразени и потенцијалниот нов бран во земјава, информира денеска министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференција.
Тој изјави дека нови мерки ќе бидат преземени само доколку болниците се најдат под голем притисок.
-Сите опции се отворени, но мора да бидат издржани и за нив ќе се разговара во петок, вели Филипче и додава:
-Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот долг временски период.
Тој информира дека Македонија почнала разговори со американската компанија „Мерк“ за нејзиниот нов лек против ковид-19, изразувајќи интерес за предрезервација на одредена количина.