Омикронот се шири, расте бројот на лица кои по вторпат се заразиле со ковид
Во моментов во земјава има над 20.000 активни случаи, омикронот се шири низ сите градови во земјава.Најмногу заразени има во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп…
Во периодот од 17 до 23 јануари годинава регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи на COVID-19 во 35 градови во државата, што претставува зголемување од 4,5 отсто во однос на минатата недела кога беа заболени 11.115 лица.
ОД ИЈЗ информираат дека со статус „оздравени“ се стекнале 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
-Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25 отсто во однос на претходната недела. Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, односно за 76,4 отсто повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив 38 се од Скопје. Во однос на возраста, најголем број 85 или 87,6 отсто од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се и осум починати лица кај возрасната група од 50 до 59 години, по две кај возрасните групи од 40 до 49 години и од 30 до 39 години, посочуваат од ИЈЗ.
Досега во земјата се направени вкупно 1.755.926 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 259.328, бројот на оздравени пациенти е 230.206, на починати е 8.266, а бројот на активни случаи изнесува 20.856.
Пријавени се нови 21 милион случаи во светот во една недела
Нивото на ризик поврзано со варијантата Омикрон останува многу високо, соопшти СЗО, откако бројот на нови случаи на ковид-19 достигна нов рекорд минатата недела.
– Пријавени се повеќе од 21 милион нови случаи, што е најголем број неделни случаи пријавени од почетокот на пандемијата, соопшти Светската здравствена организација во своето неделно епидемиолошко ажурирање за коронавирусот.
Здравствената агенција на ОН соопшти дека бројот на нови случаи се зголемил за 5 отсто во седмицата до неделата, во споредба со 20 отсто зголемување во претходната недела.
– Глобално, има побавен пораст на бројот на заболени – соопшти СЗО.
Организацијата информира дека се регистрирани скоро 50.000 нови смртни случаи, слично како и претходната недела. Во извештајот се вели дека Омикрон продолжува да доминира.
– Тековната глобална епидемиологија на САРС-КоВ-2 се карактеризира со доминација на варијантата Омикрон ширум светот, континуиран пад на преваленцијата на варијантата Делта и многу ниско ниво на дистрибуција на Алфа, Бета и Гама соевите – соопшти СЗО.
Во земјите каде што имаше брз пораст на случаите на Омикрон во ноември и декември 2021 година, се забележува мало намалување на случаите. Сепак, „врз основа на моментално достапните докази, севкупниот здравствен ризик поврзан со варијантата Омикорн останува многу висок.