Работниците на велешка „Колска“ повторно ги вклучија сирените и блокираат возови, ССМ со поддршка и лично присуство на штрајкот (Видео)
Решението на УЈП за принудна наплата на старите долгови преку ставање под хипотека на зграда и дел од производствените погони ,што деновиве стигна, во велешката фабрика за шински возила е само последна причина за повторно прогласување на Штрајк од страна на синдикалната организација на ССМ. Работниците одлучија по скоро седумесечната блокада на жиро сметка, не исплатена јунска и четири месеци минимална плата да ги напуштат работните места и со блокада на железничкиот сообраќај да ги остварат своите барања за конечно решение на статусот на фабриката, која е државна но кон неа државата така не се однесува. Тие ги вкучија сирените и застанаа пред возовите на Железничка станица Велес.
-Баравме со месеци да се сретнеме со премиерот Димитар Ковачевски, со вицепремиерот Фатмир Бетиќи и со министерот за транспорт Благој Бочварски. Сите обиди пропаднаа. Деновиве од УЈП стигна Решение за принудна наплата на стари долгови, во висина од 37 милиони денари. Бидејќи Бетиќи ни вети дека доколку дојде состојбата за организирање на штрајк и тој ќе ни се придружи еве го покануваме, утре, да ни се придружи со цел да се донесе конечно решение дали „Колска“ може да исплива од оваа состојба или заедно со него да го ставиме клучот на влезната капија, рече Тони Арсовски претседател на синдикалната организација на ССМ.
Сега во „Колска“ работат 78 и до крајот на годината, по природен одлив поточно пензионирање, ќе останат 70 додека за две години околу 50 квалификувани работници. И сега се чувствува не доволниот број на работници занаетчии. Овој пат работниците се децидни дека нема да ги работат 20 товарни и еден патнички вагон на „Национални железници“ – транспорт и 10 цистерни на фирмата „Оилко“ до конечното решение на статусот на фабриката.
-Во 1985 година, кога јас се вработив во „Колска“ имаше 550 а сега 78 работници. Никаква иднина не гледам. За година ипол фабриката сама ќе се затвори. Сите работници сме околу или над 60 години старост. Не примаат млади работници коишто ние ќе ги обучиме да бидат наши наследници, рече работникот Жарко Далевски.
За првиот синдикалец на ССМ вклучените сирени и запрените возови значат дека македонскиот работник е гладен и омаловажен. Дарко Димовски со дел од синдикалното раководство дојдоа во Велес за да им дадат поддршка на работниците на „Колска“. Тој констатираше дека на вклучените сирени треба да се гледа и како на аларм младите да ја напуштат родната држава особено кога станува збор за фабрика во која работодавач е државата.
-Фабрика која има обезбедено работа, работи на репарација на товарни и патнички вагони и го одржува железничкиот транспорт на државата а нема плата и добива решение за принудна наплата преку недвижностите кои ги поседува што да зборуваме понатаму? Не може да прати решение а да не прати инспекција затоа што се исплаќа плата под гарантиран минимум уредено со законско решение од Влада. Не смее државата да има двојни аршини за работниците и за работодавачите. Во случајов УЈП е државна институција која сака да наплати од државно претпријатие а не може да интервенира иако гледа дека се исплаќа плата под минимална?, рече Димовски.
Тој најави дека денеска ССМ ќе поднесе пријава до Државен трудов инспекторат за непочитување на законската обврска за исплата на минимална плата и потоа ќе бара судска разрешница УЈП да не може да го реализира решението за принудна наплата на заостанатите долгови на „Колска“.
Претседателот на гранковиот синдикат на ССМ за сообраќај и врски, Мичо Стојановски во поддршката што им ја даде на работниците,како што рече, стручњаци за машинска и металска струка, констатираше дека оваа работничка голгота мора да престане.
-Тажно и жално е кога едни од најдобрите работници во машинска, металска, фарбарска и тапетарска струка немаат редовна,не им се почитува правото на законска минимална плата од март месец наваму. Имаме предлог до министерот за транспорт и врски другарот Бочварски, како што во минатото ремонт на пруги го доби своето место во Железници – инфраструктура, така овие 78 вработени кои за пет години ќе бидат нула, да ги вдомат или во Железници –транспорт затоа што ги одржуваат железничките вагони или во Железници – инфраструктура каде што се врши поправката и одржување на пруги, сигнализација и друго за безбеден превоз на возовите низ државата. Значи згрижување на работниците заедно со долговите што се направени не по нивна вина да преминат во националното железничарско претпријатие, додаде Стојановски.
Штрајкот на работниците продолжува и утре. Освен со зголемување на времетраењето на блокадата на железничкиот сообраќај најверојатно и со протест пред Управата за јавни приходи.
Убавка Јаневска