Мултимедијалната патувачка изложба „CAN for Balkans“ овој петок доаѓа во Велес!
По голем број земји како Романија, Албанија, Белгија и Србија, токму Велес ќе биде центар на стрип културата во Македонија. Уметници и сценаристи, стрип теоретичари, професори, љубители на стрипот и гости од целата држава и Европа ќе имаат прилика да присуствуваат на отворањето на изложба закажана за овој петок, со почеток од 20 часот, во Ликовниот салон во Велес.
-Изложбата „CAN for Balkans” е составена од две тематски целини, од кои на првата се презентирани графичко-секвенцијални дела пристигнати на минатогодишниот меѓународен стрип-конкурс на тема „Балканот низ историјата”. На втората, која е резултат од повеќегодишните истражувачки студии за историскиот стрип на Балканот, изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори, односно на историски стрипови од земјите од каде што се партнерските организации на проектот. Посетителите ќе можат да ја посетат оваа изложба посветена на историјата на Балканот се до 27 Март, соопштија од Стрип центар на Македонија – Велес.
Претходно, за сите фанови на деветата уметност ќе има неколку настани и промоции со гостите Н.Е. Андреа Силвестри, италијански амбасадор во Македонија, Александар Стеванов и Бошко Караџов.
Настанот е во организација на Стрип центар на Македонија како партнер во проектот „CAN for Balkans“, кофинансиран од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“. Локални партнери се Општина Велес и ЛУ Народен музеј – Велес.
Стефани Манева