Минатата година рекордна исплата на 95 илјади евра од буџетот на општина Велес за оштета на каснати граѓани од бездомни кучиња
Осумдесет велешани од општина Велес добиле оштета за каснување од куче во износ од 5 милиони 926 илјади и 165 денари. Општината вкупниот износ им го исплатила на каснатите граѓани во текот на минатата година. Оштети по пријави за каснување од бездомни кучиња во првиот месец, јануари, стигнале од седум граѓани, во февруари од шест, во март од девет, во април од рекордни 13 граѓани, во мај од седум, во јуни од осум, во јули од 10, во септември од двајца, во октомври од шест, во ноември од осум и во декември од шест велешани.
Само во месец август ниту еден граѓанин на Велес не бил каснат од бездомно куче.
Минатата година е рекордна според исплатените пари на граѓани каснати од бездомни кучиња. Од Буџетот на општина Велес исплатени се рекордни 95.000 евра или за 20.000 евра повеќе од 2021 година. Според податоците на општината во 2022 година биле каснати 71 велешани.
Темата за недокажана спрега помеѓу граѓани, адвокати,судии и лекари кои биле инволвирани во наводна печалба од каснување од куче во Велес започнува од 2018 година кога општината по овој основ исплаќа оштета на граѓани вредна 1.600.000, денари, наредната 2019 година од буџетот по овој основ се исплатени повеќе за 1.700.000,00 денари додека во 2020 година 2. 774,108,00 денари. Исплатите во евра изнесуваат 26.000, потоа 40.000 евра и 45.000 евра.
Прв проговори и сомнежи за спрега помеѓу граѓани, адвокати,судии и лекари соопшти претходниот градоначалник на Велес Аце Коцевски. Но од тогаш до денеска не е превземен ниту еден чекор за расветлување на состојбата. Тоа предизвикува револт кај дел од граѓаните кои уредно ги плаќаат даноците и таксите од кои се полни општинскиот буџет. Коментирајќи ја состојбата, овие граѓани, прават паралела дека со 95.000 евра општината ќе изградела уште едно инклузивно игралиште како постоечкото во населба Тунел.
Убавка Јаневска