Ученици од Кавадарци туркаат автобус на средношколска екскурзија во Франција, родителите реагираат за избраниот авто превозник (фото и видео)
Незадоволни родители на ученици од СОУ „Гимназија Добри Даскалов“ од Кавадарци споделија видео клип на социјалните мрежи на кој што е снимено како нивните деца на екскурзијата во Франција го туркаат автобусот за да трне. Тие не се задоволни од превозот што скопската ТА „Дипломатик“ го ангажирала за реализација на екскурзијата. Според нивни изјави проблеми се појавиле на почетокот на патувањето кога во Кавадарци дошле два автобуси, од кои еден, имал технички недостатоци иако поминал технички преглед во Скопје.
Иако за Дума.мк, директорката Јасмина Чулева соопшти дека по првата интервенција во која бил направен вонреден технички преглед и обезбеден исправен автобус, за сега екскурзијата да се реализира без проблеми, дел од родителите не го делат истото мислење. Споделувајќи го видеото тврдат дека превозот морал да биде подобар и побезбеден.
Така мисли и градоначалникот на Кавадарци,Митко Јанчев но смета дека вината е взаема како на агенцијата така и на родителите.
„Јас од децата кои се на екскурзија добивам информации дека тие сега не се соочуваат со проблеми, кога е во прашање превозот. Ако ме прашувате дали превозот можел да биде подобар ќе одговорам со да, можел. Пред да заминат од државата се случи еден од двата автобуси да биде технички неисправен. Тоа го потврди вонредниот технички преглед на кои беше испратен неисправниот автобус што го побарав од Министерот за внатрешни работи и на граничниот премин Табановци од страна на туристичката агенција беше испратен исправен автобус. Со учениците на екскурзија е и сопственикот на агенцијата. Зошто реков дека вината е взаема и на родителите и на агенцијата. Советот на родители е исто така одговорен затоа што тој ја избрал агенцијата за екскурзијата. Што побарале дека им е потребно во техничката спецификација на тендерот за екскурзијата? Ја гледале само цената од 22 илјади денари колку што чини шест дневната екскурзија? Тендерите за екскурзиите од годинава поинаку ќе изгледаат. Тоа со сигурност го тврдам, рече Јанчев.
Дума.мк побара став и од ТА „Дипломатик“. Во телефонскиот разговор вработениот Боби, ни објасни, дека сопственикот на агенцијата е заедно со учениците на патувањето и дека тој се враќа во среда, на 24 мај, попладне. Тогаш ќе можеме да добиеме одговор на новинарските прашања кој исто така ги испративме на мејлот на агенцијата. Во прашањата побаравме одговор за техничката исправност на автобусот кој го туркаат учениците на видео клипот како и за причината поради која што дошло до замена на еден од двата автобуси на самиот почеток на екскурзијата.
Убавка Јаневска