(ФОТО) Димитриески: Велес има голем потенцијал за Уечи Рју Окинава карате
Објавено: 8 февруари, 2014, во 14:05 часот
Има педесет и една година а триесет и три години активно тренира Окинава карате, стил УЕЧИ РЈУ. Потекнува од Охрид, а роден е во Белград а каде живее и работи. Се вика Милан Димитриески и тој е мајстор во оваа вештина и мастер инструктор со Ренши 6-ти дан.
Неговиот професионален спортски живот го дели на три периода и тоа во првиот кога мислата „Јас сакам и морам да бидам појак од другите“ го водела кон целта, во вториот пак „ Ја морам“ додека во „Јас не можам без карате“. Мајсторот Димитриески е во Велес и ја следи вештината на каратистите од карате клубот „Окинава“.
По двочасовниот тренинг Димитриески заедно со инструкторот на велешкиот клуб Боре Видевски релаксирано разговараа во кафетерија. Ги сумираа впечатоците од денешниот тренинг.
– Јас сум почитувач на основната мисла водилка на Окинава карате, целиот живот да ја градиме личноста со позитивни принципи. Суштината на каратето е да изгради една силна, здрава и психофизички стабилна личност со помош на техника. Во технички смисол тоа е само одбрамбена вештина бидејќи секогаш почнуваме со блок а завршуваме со удар. Кога сме нападнати ние се браниме. Суштината на каратето најдобро ја опишува една јапонска мисла „ Не постои напад“, рече Димитриески.
Tој до детали ни ја објасни суштината на постоењето, начинот на подготовка на личноста што се определила да тренира Окинава карате, постојаната цел да се стреми кон напредок, суштината на почитувањето на противникот преку поклонување пред започнувањето на борбата или на учителот и друго.

На прашањето зошто денеска е во Велес, Димитриески одговори дека заедно со инструкторот Боре, одржуваат неколку дневен семинар со цел да ги пренесат сопствените знаења стекнати од јапонските инструктори.
– Имаме за цел да ја подигнеме вештината на Окинаве каратето на повисоко ниво. тоа се случува континуирано бидејќи Боре доаѓа кај нас во Белград и ние овде во Велес. Она што ќе следи ќе биде група каратисти кои од Белград ќе дојдат во Велес со цел да се шири нашето пријателство освен што во техничка смисла ќе тренираме, рече Димитриески.
Тој е задоволен од денешниот тренинг во Велес, бидејќи вежбачите постигнале напредок.
– И тука нема да застанеме туку постојано ќе напредуваме. Имаме поддршка од претседателот на Окинава карате од Јапонија Тошио Хига црн појас 10-ти дан. Ќе кажам дека учениците во Велес се во сигурни раце како што е Боре пред се човек а потоа и мајстор, рече Димитриески. Додаде дека постои потенцијал кај каратистите во Велес и тој треба да се усовршува. Тоа беше неговата генерална оценка за денешниот тренинг на школата во Велес.






