Д-р Виларова: Целосно и доследно почитување на законската регулатива – поттик и услов за успешно реализирање на воспитно образовниот процес

Објавено на 18 февруари, 2025 во 11:19

Д-р Македонка Виларова е советник, општински просветен инспектор на Општина Велес и сертифициран професионален обучувач за возрасни којашто често одржува обуки на различни теми и актуелни потреби од областа на образованието низ образовните институции во Македонија. Освен редовната работа како инспекторка многу често ангажирана е од поголем број на провајдерски куќи поради посветеноста во работата што особено дава резултати во развојот на воспитно образовниот процес, во делот на законодавството и менаџирањето. Д-р Виларова  досега има одржано околу 140 обуки во образовни институции ширум државата. Како обучувач поради долгогодишно три децениското работење и нејзината професионалност во работата била консултант и соработник на други локални и национални инстутиции. Тоа беше причина за интервјуто во кое што разговараме за примената на законската регулатива во образовниот систем и новитети во Законот за основното образование.

Дума.мк: Образованието е составен дел од општественото живеење и функционирање, со што поточно се уредува дејноста образование и целокупниот  воспитно-образовниот процес?         

Д-р Виларова: Образованието е темел на секое општество и претставува основа за подобрување на животот, како на ниво на поединец, така и на ниво на единица на локална самоуправа, регион и држава. Образованието како основно човеково право, ги подобрува знаењата, вештините, компетенциите и ставовите на една личност при што му се овозможува подобар живот како на професионален, така и на приватен план. Образованието е всушност израз на социјалниот систем, во кој стекнатите знаења и образовните вештини неопходно е да бидат применливи и корисни во практичниот живот. Според социологот Талкот Парсонс училиштето е мост меѓу семејствата и општеството како целина. Училиштето го подготвува детето за неговата улога во општественото живеење и дејствување. Во општествата законот е правен пропис, нормативен акт донесен од надлежен орган на државата со кој нешто се определува, се уредува.

Воспитно-образовниот процес и дејноста на образование се уредуваат со закони, донесени од Министерството за образование и наука, во кои се пропишуваат одредени права и обврски, коишто треба доследно и во целост да се имплементираат и почитуваат од страна на вработените во образованието, родителите и учениците заради успешно и функционално спроведување на законите и реализирање на воспитно-образовниот процес.

Дума.мк: Колку е важно и значајно целосното спроведување на законските регулативи за функционирање и развој на образовниот систем?        

Д-р Виларова: Преку силен образовен систем се менува структурата на општеството, на семејството и професијата, а преку едукацијата се обликува свеста и гледиштето на поединецот, кога станува збор за процеси во општеството и општественото живеење. Законската регулатива ги става пред законот сите исти. Една држава се цени според тоа колку се почитуваат законите, а тоа значи колку ефикасно функционираат инспекциските служби, колку соработуваат со граѓаните и институциите.                                                                                                  

Познавањето и почитувањето на законите, целосното спроведување и имплементација на законските одредби и подзаконските акти од страна на сите вклучени во воспитно-образованиот процес е всушност е поттик и услов за успешно функционирање на воспитно-образовните институции и неопходност за квалитетно образование.

Истото е од причина што со законите се регулираат правата и обврските на сите инволвирани страни во образовниот процес и затоа е неопходно нивно познавање, доследно почитување и применување во секојдневието. Преку укажување за правилно постапување се поттикнува намалување на законските неправилности, избегнување на прекршоците и глобите предвидени со законите.

Дума.мк: Што се уредува со Законот за основното образование, кои се актуелни новини од измените и дополнувањата на Законот за основното образование?

Д-р Виларова: Со Законот за основното образование се уредува воспитно-образованиот процес кој се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование, која е од посебен јавен интерес, како дел од единствениот воспитно-образовен систем. Новините во образовниот систем се пропишани во Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование е објавен во Службен весник на РСМ, број 3 од 3 јануари 2025 година. Во моментов во сила е примена на Закон за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/19, 229/20 и 3/25).

Измените и дополнувањата на Законот за основното бразование се однесуваат на повеќе законски одредби, имено во истите се пропишани забраните за директна и индиректна дискриминација во основното образование, начинот на вклучување на децата со надмината возрасна граница во редовна настава, образование на децата во воспитно-поправни установи, поддршката на ученици со попреченост, изборот на образовните асистенти и тутори, запишување на учениците во прво одделение исклучително со почитување на  реонизацијата.

Како актуелни новитети во Законот за основното образование се впишани и воведувањето на единствен образован број на ученикот, запишување на постигањата на учениците по периоди, утврдување на висина на износ на бесплатниот превоз со одлука донесена  од страна на Советот на Општината и неколку други новитети кои се регулирани со законските одредби.

Дума.мк: Дали имате дискутирано за измените и дополнувањата на Законот за основното образование, нивна имплементација и според вас, кој би бил бенефитот од истите?        

Д-р Виларова: Да, на  24 јануари 2025 година, се одржа работилница за општинските просветни инспектори, членови на Мрежата за образование при ЗЕЛС во административната зграда на ЗЕЛС, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Таму се дискутираше за имплементирањето на измените и дополнувањата на Законот за основно образование (Службен весник на РСМ 03/2025 од 03 јануари 2025 година), а преку методот на студија на случај разговаравме за начините на разрешување на бројни актуелни предизвици со кои секојдневно општинските просветни инспектори се соочуваат при вршењето на инспекцискиот надзор.

Бенефитот од измените и дополнувањата на Законските регулативи би бил потребата од корегирање на одредени законски одредби, измена или дополнување на истите,  воочени од секојдневното функционирање, приспособување на законските одредби кон современите потреби на сите вклучени во образованиот систем, а истовремено вметнување на нови законски одредби со кои би се овозможило и следење на современите европски образовни трендови. Тоа истовремено значи и целосно запознавање на сите инволвирани страни во образовниот систем со актуелните законски регулативи и нивно имплементирање.

Дума.мк: Кои други закони и подзаконски акти се во сила, се почитуваат и применуваат во воспитно-образовните институции кои се во надлежност на општините и во надлежност на државата?     

Д-р Виларова: Во основните и средните училишта се применува и Закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта (Службен весник на РСМ, бр. 161 од 5.8.2019 година). Со овој закон се уредуваат условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и средните училишта, засновањето на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.

За функционирањето на Ученичките домови се применува Закон за ученичкиот стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2005, 117/2008, 17/2011, 135/2011, 15/2013, 41/2014, 146/2015, 30/2016, 64/2018 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 248/2020 и 302/2020). Со овој закон се уредува основањето, организацијата, функционирањето и управувањето во установите за ученичкиот стандард како дел од системот на воспитанието и образованието.

Со законот за средното образование се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието, се очекува нов закон за средното образование.          

Во предучилишните установи се применува  Закон за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија” бр. 23/13, 12/14, 44/14, 144/14, 10/15, 25/15, 150/15, 192/15, 27/16, 163/17, 21/18, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19, 146/19, 275/19, 311/20, 294/21, 150/22, 236/22 и 17/25), со кој се уредува системот и организацијата за заштита на децата.

Од сите закони произлегуваат подзаконски акти, како правилници, упатства, уредби, стандарди, протоколи, концепции и други правни акти со кои подетално и попрецизно се регулираат законските одредби и истите задолжително треба да се почитуваат и имплементираат заради успешно реализирање на воспитно-образованиот процес и спроведување на образованиот систем и спречување на незаконските дејствија и негативни последици од истите.

Дума.мк: Актуелни се сѐ позачестени немили настани во воспитно-образовните институции, со што се регулира заштитата од насилството, злоупотребата и запуштањето на учениците во училиштата?         

Д-р Виларова: Во основните училишта се остваруваат и програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици со и без попреченост, програми за спречување дискриминација и програма за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци, учество во игри на среќа и малолетничка деликвенција.

Законот за основното образование предвидува обврска на основните училишта да постапуваат во случаите на насилство над ученици да преземат мерки за заштита на учениците жртви на насилство и да спроведуваат активности за превенција од насилство.

Подзаконскиот акт со кој се уредуваат мерките и активностите што ги преземаат основните училишта во случаи на насилство над ученик и мерките за промена на  однесувањето на сторителот е Упатство за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување бр.18-6570/1 од 6.7.2020г., Скопје, Министер за образование и наука,

Ова упатство има за цел да им помогне на основните училишта во примена на посистематски третман и одговор кон насилството над децата и да ја уреди постапката за пријавување и заштита на учениците жртви на која било форма на насилство, злоупотреба и занемарување и истото основните училиште имаат обврска да го имплементираат во целост.

Во основните и средните училишта несоодветните однесувања на учениците се регулираат со правилници за изрекување на педагошки мерки за учениците, во кои се утврдуваат видовите на педагошки мерки за учениците од училиштата , како и начинот на нивната примена.

Целта на педагошките мерки е спречување на повреда на должностите на учениците, како и неисполнување на обврските во согласност со Законот за основното и Законот за средно образование, при што на ученици кои ги прекршуваат правилата на училишниот ред им се изрекуваат педагошки мерки, со цел учениците да бидат одговорни и да се спречат сите негативни појави во училиштето.

Педагошките мерки за учениците од основно и средно бразование се изрекуваат објективно, одмерено, праведно и педагошки одговорно, тие се изрекуваат индивидуално за секој ученик по претходно согледување и анализирање на околностите кои довеле до потребата од нивно изрекување.

Дума.мк: Која порака би ја упатиле како општински просветен инспектор, овластено службено лице кое ја контролира примената на законите и подзаконките акти во образовниот систем?    

Д-р Виларова: Образованието има важна функција во секое општество, па поради важноста на образованието неопходно е секој поединец да ги прифати вредноста и нормите на системот. На образованието се гледа како на основен столб за обезбедување на одржлив развој на целото општество и важна алатка во општественото живеење и развој.

Затоа, квалитетното образование е во фокусот на интерес на сите држави, а оттука произлегува и потребата за изработка на квалитетна законска регулатива и имплементација на истата во сите воспитно-образовни институции и доследно и во целост почитување од страна на сите вклучени во образовниот систем. Тоа би значело темелно запознавање на училишниот менаџмент, наставниот кадар, родителите и учениците со одредбите од законите и подзаконските акти, а со цел примена и спроведување на истите заради намалување и спречување на незаконските дејствија и работење.

Влегуваме во време во кое нашата иднина ќе биде определена од нашата способност за мудро користење на знаењето.

Мојата порака е да го искористиме сопственото знаење во најдобар интерес за раст и развој на децата, стекнување на трајни и применливи знаења при образзование на учениците, подобрување на квалитетот на целокупниот воспитно-образовен процес, а во полза на сите вклучени страни во образовниот систем. Да се познава, почитува и доследно да се спроведува во целост законската регулатива значи да се оддава почит и на општественото живеење и функционирањето на државата.     

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.