Давчевска: Како да му помогнете на вашето дете да ја совлада употребата на ножица

Објавено на 10 мај, 2025 во 09:41

Работата со ножица не е само подготовка за училиште, туку и важна алатка за сензо-моторен развој. Децата учат преку игра, а вашата поддршка е најдобрата алатка што ја имаат. Употребата на ножица е повеќе од само сечење хартија, тоа е важна вештина што ги вклучува фината моторика, координацијата рака-око, концентрацијата и контролата на движењата. За некои деца, особено оние со развојни потешкотии, ова може да биде предизвик. Како специјален едукатор и рехабилитатор, секојдневно работам со деца на развојот на оваа вештина, и еве неколку проверени совети што можете да ги примените и дома.

  1. Пред да дадете ножица, прво зајакнете ги прстите

Понудете му активности на детето кои го развиваат мускулниот тонус на шаката:
– гмечење пластелин
– кинење хартија со раце
– стискање сунѓер или топче
– закопчување и откопчување

2. Изберете соодветна ножица

За малите дечиња или за оние кои имаат потешкотии, препорачувам: безбедносна ножица со заоблен врв, ножица со асистенција (со пружина за автоматско отворање), ако е потребно и ножица за левораки деца, но важно е ножицата да биде лесна и прилагодена на големината на раката на детето.

3. Вежбајте на забавен начин

Нека сечењето биде игра, а не задача. Цртајте линии и патеки за сечење. Нека изработува колажи, сечење ленти. Понудете весели шаблони (облаци, цвеќиња, животни) за да им биде поинтересно сечењето.

4. Дајте поддршка, но не преземајте ја задачата

Најнапред моделирајте ја постапката. Покажете како се држи ножицата (палецот горе, два прста долу). Потсетувајте на „отворено-затвори“. Седете од иста страна со детето, за да ве гледа во иста перспектива и секако избегнувајте да ја „завршувате“ задачата наместо него. Фокусирајте се на охрабрување, а не на совршеност.

5. Бидете трпеливи и пофалете го секој напредок

Некои деца ќе сечат криво, ќе се фрустрираат или ќе се откажат брзо. Вашата поддршка, трпение и охрабрување ќе им дадат сила да продолжат. Секое „сам си пресеков!“ е чекор напред и за фини вештини и за самодоверба.

Ако ви требаат конкретни вежби или упатства за вашето дете секогаш можете да се консултирате со специјален едукатор и рехабилитатор.

Марија Давчевска,

специјален едукатор и рехабилитатор

наставник ментор, реедукатор на психомоторика

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.