Со монистра до „Везилка“ – креативен израз на велешанката Софија Лепојевиќ (Фото и Аудио)
Креативно изразување и создавање на рачни изработки, кога инспирацијата доаѓа во време што поголем број на сограѓанки го користат за гледање на телевизија, е карактеристика на велешанката Софија Лепојевиќ. Оваа шеесет и едно годишна креативна жена од монистра создава обетки и белезици како и со нижење и со ткаење декоративни сувенири. И тие се навистина итересни рачни изработки, по многу нешта уникатни, создадени како дел од македонската традиција добро позната и надвор од државата. На овој начин оваа креативна жена создава наративна уметност притоа потсетувајќи на едно минато време во коешто и децата, исто како и жените, обожуваа да ги носат како накит.
– Генерално се традиционални, бидејќи монистрата се среќаваат во изработката на накитот во народните носии и како деца, барем во мојата генерација нема некој што не си направил бисерче, герданче, белегзиче од нижани монистра. Идејата да го работам ова ми дојде случајо. Во едно списание ја најдов техниката француско нижење на монистра, односно нижење монистра на жица и по шема и идеја за на крај жицата да се обликува. Оваа жица е крута, држи и е бижутериска што не `рѓосува, не прави алергии и служи само како носач на она што ќе го изработиме, додаде Лепојевиќ.
Оваа велешанка веќе има изработено колекција „Везилка“ во која се извадени елементи и фрагменти од народната носија. Со неа се промовираше во родниот град. За жал само преку социјалните мрежи. Креативната жена инспирацијата ја наоѓа и во природата.
-И секако во природата, птиците и пеперутките. Монистрата ја карактеризираат боите, бидејќи има огромна палета на бои и голема можнос да се изработат, птици, цветови и се што ќе се посакаш. Исто како во боиците какошто се водени или темперни. Секоја нијанса што може да се замисли, се постигнува со монистрата. Таа палета на бои дава големи можности за креативно изразување, додека кристалите го даваат елегантниот сјај на монистрата, додаде Лепојевиќ.
Креативниот процес на изработка Лепојевиќ го започнува преку идеите, по што следува креирање на шеми и пребарување на интернет, што многу и ја олеснува работата. Ја преферира апликацијата „Пинтерест“ каде може да ги наоѓа првичните шеми но, само за да ги дополнува со личен креативен израз за да го создаде крајниот производ. Оваа велешанка, исто така, создава лични шеми, што ги исцртува на хартија. Потоа ги одбира боите на монистрата и започнува да работи.
-Ако е ткаење на разбојче прво се прави основата. На основата се ткае по шема, за потоа да се вметнат металните елементи, куки и гвинтови, се во зависност од видот на пример на обетките. Се зависи од тоа дали ќе бидат долги, ќе висат или пак ќе се прикачуваат директно на увото. Потоа следи процесот на нижење на монистрата со игла и со бижутериски конец, поточно живо влакно или пак на сајличка во зависност од шемата и од идеата. Целиот процес на изработка на една обетка трае од 6 до 7 часа, додека постои накит чијашто изработка трае и по неколку денови. На ткаењето посветувам повеќе време бидејќи процесот започнува со подготвување на основа се разбира по добра шема и потребна е голема концентрација за крајот да ја прикаже идеата. Доволен е превид на едно монистро за да не се прикаже очекуванит мотив, додаде Лепојевиќ.
Рачните изработки на оваа велешанка преку интернет стигнуваат до поголем број на скопјанки во споредба со велешанки. Но таа не се обесхрабрува туку создава творешство што досега успешно го продава на базари. Таму одлично се промовира иако овој начин на презентирање и не така често се случува во државата. Тоа што е каратеристика на творешството на Лепоевиќ во создавањето на креативните изработки е тоа што таа особено обрнува внимание и применува неколку техники.
-Практикувам француска техника на нижење на монистра. Тоа е нижење на жица на којашто штом се нанижат монистрата жицата се витка во одредена форма, на пример во цвет. Бижутериската жица не темнее. Монистрата се благодарни за употреба бидејќи материјалот е стаклен и е обоен па затоа можеш слободно да го измиеш, едноставно нема рок на траење. Работам и пеиоте техниката и техника на ткаење со употреба на други материјали. Ако е техника на ткаење, на пример теписарии, коишто ги изработувам за на ѕид, тогаш употребувам дрвена рамка, бижутериска жица и потоа работам со рибарскиот конец, затоашто тој дава крутос на изработката, значи да не биде мека. Исто така ја претпочитам „пеиоте“ техниката или техниката на циглички, што е слично на ткаењето, само е без основа. Тогаш работам само со жица и монистра поточно вплетувам едно во друго монистро. Како што се редат циглички и пеиотето се дели на повеќе дела, се редат како цигличка едно преку друго, едно на друго, едно во друго или едно под друго, додаде Лепојевиќ.
И таа како впрочем и повеќе креативни жени во Велес посакува да се претстави во својот роден град преку изложба. Засега во остварувањето на нејзината желба ја спречува пандемијата со Ковид-19. Лепојевиќ ќе почека да заврши опасноста особено за повозрасните граѓани што ја предизвикува инфективната болест.
До тогаш посетете ги нејзините две фејсбук страници Зрнце дизајн и Уникатен накит и цветови од монистра – Hand made by Софија и запознајте се со оваа креативна велешанка, особено со уметноста што излегува од нејзините раце бидејќи времето што ќе го потрошите во разгледување нема да биде залудно.
Стефани Манева