Стана пракса да се атакува, со сечени делови од аудио записи
Пишува: Убавка Јаневска
Порталот Свест.мк на 25 јуни објави аудио материјал од 20 секунди во кој се слуша дека постои вжештена расправија и се слуша женски глас. Насловот на текстот е ,,Велес го тресе тежок скандал! Директорот на Центарот за јавно здравје малтретира вработен! (аудио).
Според објавата на порталот што ја рецензираме, гласот е на директорката на Центарот за јавно здравје Велес, доктор Анастасија Иванова. Не се објавени изјави од инволвираните, и покрај тоа што од објавата може да се заклучи дека на авторот на текстот му се познати (ги именува). Секогаш кога има конфликт меѓу две страни, има и две страни од приказната.
Според демантот на директорката Иванова, снимката не е направена во времето кога таа е назначена за директорка, туку пред 6 месеци, кога била началничка на одделот за лабораториска дејност. Таа исто додава, дека снимката е подолга од објавената и дека има судска постапка за настанот.
„Погрешно сте ја разбрале содржината на аудио записот, бидејќи кога тој веќе постои и ви е испратен од вработената во Центарот за јавно здравје Велес, сте требале да го објавите во целост и добро да го преслушате. Барам од Вас да објавите и дека вработената ја предизвикува расправијата со мене, таа ми се заканува и ме напаѓа вербално, недолично и неколегијално. Расправијата се случува откако јас во својство на препоставена но, не како в.д директор туку само како Началник на Оддел за лабораториска дејност и укажувам на лаборантката за грешки и пропусти во нејзината работа што директно се одразуваат врз работата на јавната здравствена установа и јавното здравје на граѓаните. Предизвикувањето на расправијата, навредите и омаловажувањето од нејзина страна кон мене се случија во присуство на четворица колеги, значи сведоци, но тоа не е интерес на овој демант туку спаѓа во делот на доказна постапка за на суд,“ им пишува доктор Иванова на оние што ја објавија веста.
Самото објавување на вакви снимки е „лизгав терен“ од аспект на тоа што секогаш можат да бидат подметнати во поинаков контекст од оној што навистина се случил, содржината на снимката може да е предмет на приватна судска постапка и едноставно секогаш постои можноста тие да се нецелосни, од што ќе произлезе и нивна неточна интерпретација.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.