Загадувањето, врвен приоритет на граѓаните во Вардарски регион – засега решение на проблемите нема !

Објавено на 17 ноември, 2021 во 15:19

Две депонии, првата  со оловно цинкова троска и втората со остатоци од производство на фероникел, еден капацитет од тешка индустрија и најавена инвестиција за изградба на гасна централа, се приоритетните еколошки проблеми на граѓаните во Вардарски регион.

Во анкетата на Дума.мк, на тематскиот повик  „Споделете ги вашите проблеми со загадувањето на животната средина и последиците врз вашето здравје“ граѓаните како приоритетни еколошки проблеми ги посочија загадениот воздух и почва со тешки метали, високи концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, сулфур диоксид, неквалитетна вода за пиење, прашина од депонии  и од каменоломи како и чад од оџаци на компании од тешка индустрија.  

Во одговорите на испитаниците пишува дека решенија немаат за повеќедецениски еколошки проблеми. Тие биле и се сведоци на бројни еко инциденти но и на периодични отстапувања на компании чии производни процеси поминале без или со малубројни инспекциски санкции.

Најголем број од анкетираните, 58 % се категорични дека дишат загаден воздух, додека 18 % се жалат на секојдневно загадување со високи концентрации на SО2,  ПМ 10 и ПМ 2,5 честички. По 4%  од анкетираните се жалат дека пијат неквалитетна вода и се хранат со земјоделски производи од контаминирана почва со тешки метали додека по 2 % од нив сметаат дека причина за загадувањето се индустриски, градски и диви депонии, прашина од каменоломи, чад од домашни оџаци  и  издувни гасови од стари возила.

За предизвикувачи на загадување, 36% од испитаниците ја посочија  депонијата со троска на поранешната Топилница за олово и цинк во Велес, додека 20 % депонијата на „Еуроникел“, поранешен „Фени индустри“ кај кавадаречкото село Возарци.

Останатите анкетирани граѓани сметаат  дека загадувачи на животната средина и на нивното здравје се каменоломите во Велес, фабриката за производство на масло „Благој Ѓорев“ како и  градската и дивите депонии. Во Кавадарци освен „Фени“, дoполнително,  испитаниците сметаат дека воздухот го загадуваат и нерегистрирани работилници во населени зони, свињарски фарми и производството поточно печењето ракија.  За неготинци сериозен проблем претставува загадувањето од термо-електричната централа како и стравот од најавата на владата за изградба на гасна централа, за којашто тврдат дека ќе ги труе и ќе ја загадува   животната средина.

Во Вардарски регион постојат загадувачи оддалечени од домови и работен простор од 500 метри до 3 километри.  Четиринаесет проценти од испитаниците се изјасниле дека живеат или работат на само 500 метри од загадувачи, 10% на оддалеченост до 1000 метри, 30% до 3000 метри и 46% над 3000 метри. За граѓаните најизразен пример на загадувач „под прозор“ е топилничарската  депонија со троска во Велес, која се наоѓа на помалку од 500 метри воздушно од станбениот комплекс „УЗУС“. Во иста состојба се наоѓаат и жителите на село Возарци, со  местоположба  под оџаците и  депонијата на која се складираат тешките метали од „Еуроникел“.

Во анкетата, дури 90 % од испитаниците се изјаснија дека секојдневно се изложени на различни видови  загадувања.

Анкетираните покажаа висока еколошка свест кога во одговори за здравствените последици од загадување напишаа дека  66% од нив имаат респираторни заболувања и 14% кардиоваскуларни болести. Кај останатите испитаници, загадувањето е причина за појава на канцер, на ниско ниво на серумско железо како и невролошки болести па и психички последици.

Најголем број од  или 16% биле сведоци на секојдневни еколошки инциденти. Велешани сметаат дека „ружата на ветрови“ секојдневно во нивните домови носи честички со тешки метали од топилничарската депонија со троска. Таа е една од  десетте жешки еколошки точки во државата. За кавадарчани тоа е „Еуроникел“ којшто  освен со депонираните  остатоци од производството на феро никел  гранули загадува  и со чад од постројките како и со прашина од рудата, којашто од Солун до Возарци, дневно ја транспортира во над 200 камиони. Според испитаниците прашината од транспортот на рудата, чадот и отровните честички, ветрот ги разнесува дури до Кавадарци, воздушно оддалечен три километри.

Многубројните еколошки инциденти оставаат директни последици на над 10.000 жители, сметаат 56% од анкетираните граѓани, на над 500 жители 18%, додека на над 5.000 жители  16 % од анкетираните.

Седумдесет и шест проценти од испитаниците сметаат дека еколошките инциденти се откриени додека спротивно од нив се изјасниле 24 %.  Граѓанските еколошки организации високо котираат на листата на откривачи на инциденти. Вака сметаат  58 % од анкетираните. Зад нив се општините со 14 % а само со 4 % учествува Државен инспекторат за заштита на животна средина.  Но, 24 % од анкетираните избегнаа да одговорат кој ги открил еко инцидентите. Тоа наведува на констатација дека голем е бројот на нерегистрирани еколошки инциденти и неоткриени загадувачи кои не санкционирани, континуирано, продолжуваат да ја загадуваат животната средина и да влијаат врз здравјето на граѓаните. Процентите на откриени и санкционирани еколошки инциденти од страна на општинските и државниот инспектор се ниски што наведува на  недоверба на испитаниците. Исто така  загрижуваат одговори за тесни спреги помеѓу инспекциски служби и загадувачи, за нивни пријателски и роднински врски како и за држава што штити  големи загадувачи.  Дури  80 % од испитаниците во анкетата  одговорија дека загадувачите не плаќаат казни за тоа што ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните.

Исто така високи 82 % од анкетираните го препознаваат и  несовесното однесување на граѓаните кој како загадувачи  на животната средина потпалуваат шуми за  сечи на  дрва, затоплуваат  домови со гуми и пластика, возат половни странски возила со големи количества на издувни гасови или создаваат мали депонии со смет, каде што ќе стигнат.

На анкетниот прашалник  „Споделете ги вашите проблеми со загадувањето на животната средина и последиците врз вашето здравје“ одговорија вкупно 50 испитаници во Вардарски регион. Од нив по 42 %  се од  Велес и од Кавадарци, додека  6%  се од Неготино.  Скоро половина од вкупниот број поточно 48% се на возраст од 30 до 45 години, 22 %  од 18 до 29 години, 14 % од 46 до 55 години, 10 % од 56 до 65 години и 6 %  над 65 години.

Според половата структура, анкетниот прашалник го одговорија 30 жени или 60% од испитаниците и 20 мажи или 40% од вкупниот број на анкетирани.

Тимот на Дума.мк се заблагодарува на граѓаните и граѓанките за учеството во анкетата, за одвоеното време и споделените приоритети. Ќе ги контактираме тие коишто ни оставија податоци и посочените проблеми ќе ги обработиме.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.