Првата мобилна книжара „Зборче“ денеска се паркираше во Велес
09.04.2021
Денеска во Велес, пред платото на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, се паркираше првата книжара на тркала „Зборче“ од издавачката куќа „Антолог“. Оваа иновативна идеја има за цел да ги зближи книжевноста и читањето до повеќе читатели во нашата држава.
– Со оглед на тоа што освен главниот град Скопје, другите градови немаат премногу избор на книжарници и места каде што се продаваат книги. Ние решивме со нашата мобилна книжара да патуваме од град во град и на тој начин да ги доближиме книгите до читателите, особено во ова време кога корона вирусот брзо се шири и луѓето не сакаат но и не можат многу често да патуваат, па приморени се книгите да ги порачуваат онлајн со поскапа достава. Ние сме овде само денес, но со оглед на тоа какви добри реакции добиваме и колку навистина има интерес кај велешани, не е чудно во скоро време да дојдеме и на неколку дневен саем, рече Кристина Дукоска од Антолог.
Велешани обожаваат да читаат книги, тие најчесто купуваат трилери, популарна психологија но и книги за деца, тоа ни го потврдија од „Антолог“. Но како најбарана книга денеска го издвоија новиот роман на велешкиот писател Анде Јанков, „Сигурен ризик“. Авторот на ова дело вели дека е пресреќен што неговиот роден град е меѓу првите во кои пристигна мобилната книжара „Зборче“.
– Баш ми е мило што оваа подвижна книжарница на „Антолог“ е еден иновативен концепт и стигна во мојот роден град, каде што, ќе можат мои сограѓани да си набават парче книга меѓу кои и моите две книги. Јас се’ уште немам направено промоција на мојата нова книга која пред две – три недели испадна во издание на „Антолог“. Но денеска потпишав голем број од оваа книга која всушност е продолжение во серијалот и очигледно поради таа причина велешани се и повеќе заинтересирани а јас пресреќен, рече Анде Јанков.
Велес е вториот град каде што пристигна книжарата на тркала , оваа авантура „Антолог“ ја започнале на први април, годинава во градот Куманово. Нивна желба но и цел е да посетат поголем број на градови низ целата држава и што поголем број на читатели да ги спојат со нивното омилено парче книга.
Стефани Манева
