Богата културна програма за возрасни и млади во Дом на култура Кавадарци
Филмот „Небеса“ утре, со почеток во 20:00 часот ќе биде прикажан во Дом на култура „Иван Мазов – Климе“. Три кратки приказни за три Божји чуда во постсоцијалистичко општество, а по половина век атеизам. Во едно општество каде коегзистираат идоли од социјалисзмот и идоли од новооткриената религија. Филмското дејствие се одвива од 1993 преку 2001 па се до 2026 година. Филмот е српско, македонска, црногорска и хрватска продукција, кинематографер е Душан Јоксимовиќ, а режисер на филмот е познатиот Срѓан Драгојевиќ. Во него играат Горан Навојец, Бојан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Срѓан Жика Тодоровиќ, Никола Пејаковиќ, Наташа Марковиќ, Ана Мандиќ, Милош Самолов и други.
Во петок, на 16 декември, со почеток во 19:30 часот кавадарчани ќе имаат можност да ја гледаат театарската претстава „Сега му е мајката“. Претставата е работена по текст на Горан Стефановски, а режијата е на Дејан Ангелов. Во неа играат Михаил Велков и Јовче Пандев. Текстот „Сега му е мајката“ e напишан во веќе далечната 95 година специално за двете големи имиња на македонското глумиште покојниот Ванчо Петрушевски и Благоја Чоревски од страна на големиот македонски драматург Горан Стефановски. Дејството се одвива во Скандинавија во некој ресторант после средбата на двајцата главни протагонисти Ацо и Бобо, на која договаарат со некои Германци да скријат нуклеарен отпад некаде на територијата на Македонија. Нашата претстава започнува после заминувањето на Германците и договорената зделка. Ацо и Бобо се егзалтирани и задоволни од договорената зделка и имаат уште неколку часа до утрото кога треба да заминат назад во Македонија. Во тие некоклу часа ние успеваме да го видимен нивното вистинското лице.
Анимираната детска авантура „Биби и Боби во Сешковград“ малите кавадарчани ќе имаат можност да ја погледнат во сабота на 17 декември со почеток во 12:00 часот и во вторник, 20 декември со почеток во 19:00 часот во Домот на култура. Каква новогодишна авантура! Неверојатна, возбудлива и како и секогаш – непредвидлива! Биби и Боби патуваат со снешкото Гого кон Снешковград за таму да ја пречекаат Новата година. Но, Снешковград е пуст и тивок. Каде се сите снешковци? Зошто никој не ја прославува Новата година? Гледајте ја оваа возбудлива новогодишна сказна за да дознаете. Актери се Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Сашка Димитровска и Никола Ристановски. Режија на Никола Чикос, Димитар Аризанов, Јосип Здравковски, и сценарио на Билјана С. Црвенковска
Додека пак, театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и оваа година по повод Новогодишните и Божиќните празници подготви за најмладите, учениците од основните училишта и градинките од општина Кавадарци весела и поучна претстава насловена како “Кражба кај Дедо Мраз“. Автор на текстот и режија – Александар Малинков. Претставата ќе биде на репертоарот на Домот во дневните часови од 20 до 27 декември 2022.
Стефани Манева