(фото) Балетско студио „Анабела“ од Велес ја претставуваше Македонија на детскиот карневал во Херцег Нови

Талентот, трудот и уметноста на младите балерини од Велес повторно добија меѓународно признание. Балетско студио „Анабела“ и оваа година блесна на сцената на Меѓународниот детски карневал во Херцег Нови, Црна Гора, кој од 6 до 8 јуни се одржа по 16. пат. Велешанките беа единствени претставници од Македонија и веќе шести пат го носат македонското знаме на овој престижен фестивал со ревијален карактер.

На сцената во Херцег Нови, „Анабела“ се претстави со впечатлива и емотивна кореографија инспирирана од познатиот мјузикл Ени, кој ја раскажува судбината на сирачињата во сиропиталиште во Њујорк. Кореографијата е на Дора Пајдакова, во соработка со Цеца Пајдакова – кореограф и главен творец на приказната на ова студио.

-Овој карневал е навистина посебно искуство за нашите деца. Секоја година вложуваме многу труд и љубов во подготовките, а публиката тоа го препознава. Горди сме што сме дел од оваа прекрасна приказна, особено како единствени претставници од Македонија, изјави Цеца.

Голема благодарност упатија и до г-ѓа Рахела Симеонова-Манева, координатор за Македонија, која континуирано го поддржува студиото и ја препознава нивната посветеност и квалитет.

На карневалот учествуваа детски групи од Црна Гора, Словенија, Србија, Хрватска и Македонија, а атмосферата била исполнета со музика, костими и уметност.

Во моментов, студиото ги привршува подготовките за јубилејниот концерт по повод 30 години постоење. Настанот ќе се одржи во сабота, 14 јуни, со почеток во 19 часот во Театарот„ ЈХК – Џинот“ во Велес – настан кој ветува многу емоции, уметност и аплаузи.
Стефани Манева
