Изложба на карикатури на Миле Манчевски – „Ковид 19 и превенција од вирусот“ во Ликовен салон Велес
Авторот изложбата им ја посветува на сите здравствени работници. Во време невреме, кога пандемијата со Ковид 19, навлезе во сите сегменти на животот и кога социјалните контакти се сведени на минимум. Секако меѓу нив и настаните од културата. Од изложбата се очекува доближување на актуелната ситуација од малку поинаков приод.
Авторот кој трудољубиво, ангажирано и неуморно твори на оваа актуелна тема има за цел, да даде свој придонес на нешто понеобичен начин, преку универзалниот јазик на карикатурата и притоа користејќи асоцијации и наизглед комични ситуации да стави акцент на апсурдната ситуација, притоа опфаќајки ги сите сегменти на проблемот кој го преокупира животот на милиони луѓе низ светот.
Миле Манчевски преку еден вид на ангажирана карикатура, изработена со сигурен линеарен цртеж и површини обоени со интензивен колорит, со користење на јасни симболи, се обидува освен да го насмее гледачот исто така и да го едуцира, да го провоцира и да пренесе порака.
Манчевски е еден од водечките карикатуристи во државата. Автор е на над 2.000 карикатури и учесник на преку 100 групни и самостојни изложби, како дома така и во странство. Манчевски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу нив и државната награда „Наши достигнувања“ како и на наградата „Гран при“ на „Студентски збор“.
Годинава Манчевски ја доби наградата за животно дело „Цицо“, којашто се доделува на македонски карикатуристи. Објавувал свои дела во најтиражни домашни и весници на просторите на поранешна Југославија.
Изложбата на Карикатури „Ковид 19 и превенција од вирусот“ ќе биде отворена утревечер, среда, 17 ноември во Ликовен салон Велес, со почеток во 19:00 часот. Оваа изложба е финансирана со средства на Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување на национален интерес за 2021 година.
Стефани Манева