Поранешниот претседател на кавадаречки суд Лазар Нанев нема кривично да одговара, велешки суд ја запре постапката
Објавено: 17 март, 2026, во 10:06 часот
Обвинителството го повлече обвинението и велешки суд ја запре постапката против поранешниот Претседател на Основен суд Кавадарци Лазар Нанев за кривичното дело „несовесно работење во службата.
Во соопштението за јавност на Основен суд Велес пишува:
„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека по предметот К.бр. 224/ 25 против обвинетиот Л.Н од Кавадарци за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ е донесено Решение со кое -Постапката поведена по обвинителен предлог III КО.бр.46/25 од 23.06.2025 година на ОЈО Велес против обвинетиот Л.Н. од Кавадарци, за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ СЕ ЗАПИРА.
Вака донесеното решение е врз основа на чл.62 ст.2 од ЗКП, а од причина што Основното јавно обвинителство Велес со писмен поднесок од 02.03.2026 година го извести судот дека го повлекува обвинителниот предлог против обвинетиот и се откажува од понатамошно гонење за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.“

Убавка Јаневска



