(Видео) Книгата „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска добитник на „Рациновото признание“ и проф. д-р Намита Субиото на „Почесно Рациново признание“ за 2025 година

Објавено на 10 јуни, 2025 во 14:39

Од пристигнати вкупно 22 прозни новообјавени книжевни дела од македонската издавачка продукција, на годинешниот конкурс,  Жири-комисијата за оценување на пристигнатите трудови во состав проф. д-р Илија Велев, претседател со членовите проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и м-р Игор Крајчев со едногласна одлука, наградата „Рациново признание“ за 2025 година ѝ ја додели на авторката Оливера Ќорвезироска за делото „Три Марии“.

„Ова ново прозно дело суверено ќе го обезбедува местото меѓу читателската и критичко-проследувачката јавност: читајќи се, препрочитувајќи се и стручно толкувајќи се од повеќе аспекти на пристапување кон неговата содржинска повеќеслојност, структурна интерактивност и теоретски-поетиколошка детерминираност, рече на денешното соопштување на наградената книга и името на добитничката, проф.д-р Велев.

Членот на Организацискиот одбор на културната манифестација „62 Рацинови средби“, Снежана Бошевска, ја соопшти одлуката за доделување на Наградата „Почесно Рациново признание“ за 2025 година на проф. д-р Намита Субиото од Република Словенија. Намита Субиото е вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија, каде што од 2004 година ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика.

Фото: д-р Намита Субиото

Бошевска, ја престави добитничката на престижната награда којашто се доделува   за афирмација и популаризација на македонската литература и култура надвор од границите на Република Северна Македонија.

Градоначалникот Марко Колев, кој е и Претседател на Организацискиот одбор, им се заблагодари на Жири Комисијата и на Организацискиот одбор на „62 Рацинови средби“ за вложениот труд, ги соопшти програмските целини од културната манифестација на кои ќе бидат врачени наградите на годинешните добитнички и ги покани Велешани да ја проследат годинешната богата со содржини програма.

Наградата „Рациново признание“ за 2025 година на Оливера Ќорвезироска ќе и биде врачена на Свеченото отворање на „62 Рацинови средби“ во четврток на 12 јуни, во Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ коешто започнува во 20:00 часот. Два дена подоцна, во сабота, на 14 јуни, во Ликовен салон, со почеток во 20:30 часот, наградата ќе и биде врачена и на годинешната добитничка на „Почесно Рациново признание“ проф. д-р Намита Субиото.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.