„Креонт и Антигона“ премиерно во велешкиот театар

Објавено на 13 декември, 2022 во 11:57

На големата сцена „Петре Прличко“ во велешкиот театар „Јордан Х.К-Џинот“ во четврток, 15 декември, со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Креонт и Антигона“, авторски проект на Дејан Ангелов.

Според режисерот Ангелов, Креонт е антипод на Антигона, но не целосен. Бидејќи и тој ја носи во себе Антигона. Неговиот конфликт не е со Антигона, туку со самиот себе. Антигона е само надворешна проекција на конфликтот внатре во него со заглушеното премудро дете. Тоа е повеќе трагедија за Креонт отколку за Антигона. Бидејќи тој што ја прави трагичната грешка e Креонт и неговиот хибрис е арогантноста спрема детето во него. Тој што треба нешто да научи или поточно да се присети е Креонт. Aко му се довериме на Јунг кој вели дека чувството е поумно од студениот разум тогаш човекот денес мора да си ја врати загубената сила на детското „незнаење” и одново да мисли со целото суштество , а не само со умот.

Антигона во една реченица е драмски текст којшто најпластично ја илустрира Кантовата максима/принцип: „Ѕвезденото небе над мене, а моралниот закон во мене.” Односно, единствено оружje на човекот против бескрајот и апсурдот е моралниот закон внатре во него – или совеста – Антигона е нејзин инструмент.

Во создавањето на претставата се користени текстови од Жан Ануј, Софокле и други извори, а покрај режисерот Ангелов, зад претставата стојат соработниците: сценографот Филип Коруновски, костимографот Раде Василев, композиторот Ставре Ангелаков. Плакатот е дизајн на Никола Пијанманов. Ролјите се доверени на: Самоил Стојановски – Креонт, Кристина Зафирова – Антигона, Слободанка Чичевска – Хор, Елизабета Стефановска – Исмена, Исидор Јовановски – Хемон, Фаик Мефаилоски – Стражар и Едис Дурмишевски – Дете.

„Креонт и Антигона“ е трета премиера на Велешкиот театар за оваа година, по „Елегија во пет здива“ и „Инферно“. Првата реприза закажана е на 16. Декември со почеток во 20 часот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.