Македонскиот сликар Коле Манев годинешен добитник на Признание „Љупчо Филипов “ за развој и афирмација на македонскиот стрип
Одлуката ја донесе комисија за доделување на награди и признанија на Стрип центар на Македонија. Добитникот го заслужи признанието затоа што од 1960 година до 1963 година, во соработка со разни сценаристи, црташе стрипови за македонски историски настани и ликови како што се Цар Самуил, Крале Марко, Карпош, Сирма Војвода, преродбениците Кирил Пејчиновиќ, Крсте Петков Мисирков како и народните херои од НОБ ,Стив Наумов, Орце Николов, Ибе Паликуќа и Вера Јоциќ.
Коле Манев започнува да ги работи многу млад, со ненавршени 19 години возраст. Манев роден е на 5 април 1941година во селото Бапчор, во егејскиот дел на Македонија. Како дете бил протеран од родното огниште заедно со 20 илјади Македонци. Тој заврши училиште за применета уметност во Скопје и во 1960 година прв степен на Ликовна Академија во Белград. Потоа замина на студентски престој во Париз, па во Прага, каде посети предавања за анимиран филм. Своите дела ги излага во Македонија, во Франција, како и во други балкански земји.
Коле Манев добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и сликарство.
Според кажувањето на Томе Трајков, програм координатор на СЦМ Велес , Коле Манев влегува во историјата на списанието „ Наш свет“ како прв македонски стрип цртач. Ова списание има големо значење во развојот на македонскиот стрип.
Престижното Признание, чиј добитник е Манев, составен дел е од активностите на традиционалниот Меѓународен стрип салон којшто е најреномирана стрип манифестација во Македонија. Салонот годинава ќе се одржи во Велес на 23 август.
Македонскиот стрип центар како организатор на респектабилната манифестација, ова признание, го доделува на заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на деветтата уметност.
Досегашни добитници на признанието се: Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков, поранешната групација „Тајфа Арт“-млади автори и подоцнежни основачи на нови стрип асоцијации, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, Киро Донев, редакцијата „Детска радост“, Оливер Ромевски, Стрип книжарницата „Бункер“, Галерија и списание „Остен“, Томе Трајков-стрип работник, Александар Стеванов-хроничар и сценарист како и стрип цртачот Игор Стевковски Стевац.
Убавка Јаневска