„Нема струја за електричниот стол“ – прва премиера во велешкиот театар за 2023 година

Објавено на 4 април, 2023 во 12:54

Пиесата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски, велешани премиерно ќе може да ја гледаат на сцената „Петре Прличко“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, оваа сабота, 8 април, со почеток во 20:00 часот. Оваа претстава ќе биде првата премиера во велешкиот театар за 2023 година.

-После големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму се се бара билет повеќе, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар. Покрај режисерот Пројковски, зад претставата стојат: Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и плакатот за претставата и коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов, Музиката за претставата и нејзината изведба во живо е на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и Александар Костов. Актерската изведба им е доверена на Васил Зафирчев – во улогата на Осудениот на смрт и Исидор Јованоски во улогата на Леонард, додадоа од Народен театар ЈХК „Џинот“.

Оваа црна комедија, изведена во дуодрамскиот формат, иновативниот сценски јазик на Пројковски е изграден во колизијата меѓу актерската игра на сцена и користењето на филмскиот кадар во функција на сценското дејство.

-Приказната е сместена сред апокалиптична околност во која се сместени двата ликови – оној кој е осуден на смрт со електричен стол и оној кој треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедијален проект има за цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видеоанимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава, додадоа од театарот.

Инаку, Александар Секулов е еден од најзначајните современи бугарски писатели, преведен на многу јазици во светот. Неговиот опус, остварен во драмата, прозата и поезијата, закитен е со најпрестижните бугарски награди – каков што е и случајот со „Нема струја за електричниот стол“ – пиеса која во 2016 година ја добила престижната награда за современа бугарска драматургија – „Аскер“.

Додека, Дејан Пројковски е еден од најзначајните театарски режисери во регионот. Во неговото портфолио стојат голем број маркантни наслови од историјата на светската драма и книжевност, реализирани во најзиначајните театарски куќи, закитени со најважните театарски награди.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.