Промовирана поетската книга „Друшка на белите галеби“ на поетот Атанас Крлевски (фото и видео)

Првенчето, поточно публикуваното поетско творештво на велешанецот Атанас Крлевски за рецензентката проф.д-р Елизабета Бандиловска претставува патување низ круговите на животот. Таа поетската книга „Друшка на белите галеби“ ја восприма како зачекорување на Крлевски на македонската поетска сцена преку четириесеттина песни во кои што авторот, познат афористичар и автор на хаику поезија, се претставува како автор во една друга димензија на зборот, како поет на душата кој ги одголува своите засолнети воздишки и ги распостила пред нас нежно и трпеливо, а во исто време моќно и продорно, допирајќи ги мислите и сетилата на читателите преку стиховните одгласи, преку убавините што од мислата ткаат стихови и му даваат специфичен поетски белег на авторот Крлевски.


На промоцијата авторот Крлевски во негов автентичен стил се заблагодари на рецензентката и на присуството на колегите поети, писатели, афористичари и сатиричари кои дојдоа не само од Велес туку и од повеќе градови на Македонија.

Поетската книга „Друшка на белите галеби“ е составена од два циклуси, првиот „Море љубов во секоја капка живот“ и вториот „Стихови од изгубената тетратка“ за која Крлевски раскажа приказна.

Голем дел од присутните на промоцијата кажаа свои впечатоци за авторот чија професија иако нема допирна точка со поезијата сепак и поезијата како и неговите афоризми и сатира се втор израз што избликува во пензионерските денови.
Убавка Јаневска
