Публиката со долг аплауз ја награди „Илуминати“, втората претстава на фестивалот „5ре“ (фото)

Четворица актери којшто одглумија над 30 ликови во претставата „Илуминати“, вчера вечер, до солзи ја насмеаа велешката публика. Аплаузи и овации се слушаа цели два и пол часа додека траеше претставата што се одигра на големата сцена во велешкиот театар, како втора претстава на фестивалот за комедии „5ре“.


Дали е тешко да се одглумат 16 ликови во два и пол часа од страна на само еден актер, го прашавме актерот Сергеј Димовски којшто одговори дека е мошне интересно но претставува голем предизвик.
-Во самиот процес, додека ја подготвувавме претставата, беше доста напорно но на крајот сум задоволен од резултатот и искрено би кажал дека интересно е да се играат 16 ликови наспроти тешко. Се разбира дека секогаш има грешки коишто се случуваат бидејќи театарот е жива материја и многу е природно, но затоа сме професионални да се извлечеме од таквите ситуации, додаде Димовски.

За актерката Наталија Теодосиева гостувањето на овој фестивал претставува задоволство но и голема одговорност, поради распродадените билети и интересот на самата публика за претставата.
-Ние како екипа сакаме да се покажеме во најдобро светло. Но искуството што овде го имаме, пречекот, публиката, интересот за самата претстава и распродадените билети, искрено сме баш изненадени. Мене од секогаш ми се допаѓала велешката публика, мене не ми е прв пат да настапувам во овој театар. Сметам дека велешката публика е доста обрзована, затоа ние како Ансамбл имавме мала нервоза и трема како ќе ја прими оваа претстава. На почетокот го почуствувавме тоа дека не знаеа што ќе се случува понатаму, беа тивки и пасивни, но во текот на претставата се отворивме и ние, се отворија и тие и поминавме супер, додаде Теодосиева.

Претставата „Илуминати“ на театар Комедија е во режија на Синиша Евтимов, а во неа покрај Теодосиева и Димовски, глумат и Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски, познат како Тино, кој во претставата го толкува ликот на главниот херој Кирил Балкан.

Фестивалот „5ре“ продолжува. Велешани, вечерва со почеток во 20:00 часот, ќе имаат можност да ја проследат претставата „Каква ти е жената, таков ти е животот“ со балканската ѕвезда Драган Маринковиќ Маца, кој на негов уникатен и духовит начин ќе ги анализира модерните љубовни врски.
Стефани Манева
