Велешкиот афористичар Атанас Крлевски за 45 години има напишано повеќе од 3000 афоризми
Првиот афоризам на велешанецот Атанас Крлевски бил објавен во далечната 1977 година во Студентски збор, денеска, 45 години подоцна од перото на Крлевски излезени се повеќе од 3000 афоризми поделени во 10 книги. Во медијатеката на велешката библиотека со македонско оро, македонска песна, многу присутни афористичари како и љубители на афоризмите беше одбележано 45 годишното творештво на овој велешки афористичар. Снежана Бошевска, директорка на локалната библиотека „Гоце Делчев“ рече дека Крлевски успева да допре до суштината и реалноста на општеството само преку неколку зборови.
-Може да се каже дека Атанас е продолжение на нашиот сограѓанин Јордан Хаџи Константинов „Џинот“ којшто се смета дека е првиот којшто започнал да пишува афоризми. Велес има една богата културна традиција од литературен аспект и пишување на афоризми. Атанас 45 години знае да не насмее, да не замисли со неговите афоризми и исто толку години чекори по големината на овие мали реченици, додаде Бошевска.
Атиџе Муратова ја почести публиката со својата песна „Чекор по чекор“ и го означи почетокот на промоцијата на книгата „Низ сито и решето“ напишана од девет автори – афористичари. Промоторот Иван Котев рече дека во оваа книга избрани се најдобрите афоризми и сите се поминати низ „Сито и решето“ .
-Овие афоризми се надоградени врз народните поговорски. Атанас овие „етноафоризми“ ги нарекува „етнокрлевизми “. Книгата изгледа мала но тоа е едно големо дело, од девет автори кои го сплотија својот гениј, своето размислување, својот интелект во една книга што ќе биде голема придобивка за македонската литература, додаде Котев.
Инаку, автори на книгата се Атанас Крлевски, Ацо Ѓоргиев, Драганчо Тасески – Изворски, Елеонора Николовска, Јане Атанасов, Ленче Стоименова, Миле Ѓорѓиоски, Ружа Стојмилова и Ристо Филчевски.
Стефани Манева