Во велешката библиотека се одржа литературно читање на тема „Младите во светот на поезијата“ (фото)

Објавено на 21 март, 2023 во 14:49

Литературно читање на коешто учество земаа осум ученици од Велес, се одржа денеска, во медијатеката на велешката библиотека. Темата на поезиите беше „Младите во светот на поезијата“ и настанот се одржа по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата.

Организаторот на настанот е ученичката Стефанија Јакимовска од СОУ „Гимназија – Кочо Рацин“, којашто воедно е и активен волонтер во Младински центар Велес како и претседателка на Локален младински совет на Општина Велес. Јакимовска пресреќна им се заблагодари на сите присутни што одвоиле од своето време и дошле да го проследат овој убав културен настан.

-Како љубител на поезијата од најмала возраст одлучив, денеска, да организирам литературно читање на коешто учество ќе земат ученици од повеќе училишта. Овој настан воедно е и дел од мојата проектна задача како задолжителен дел од  државната матура под менторство на професорката по македонски јазик и литература Магдалена Сарагинова, додаде Јакимовска.

Со свои поезии се претставија учениците Андреј Димовски, Стефани Стојчева, Ана Тодорова, Ангела Димитрова, Изабела Ѓурчиновска, Василка Карталова, Михаела Перкова и Георгина Димовска.

Исто така, настанот беше збогатен и со две музички точки отсвирени од учениците Михаил Петковски, Стојан Димовски и Ангел Богоевски.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.