Коцевски и Чадиев во втор круг до градоначалничката функција!
Резултатите од ДИК се конечни од сите 73 избирачки места, но неофицијални.
На вчерашните локални избори од запишани 46 261 гласачи во Велес, за градоначалник гласале 32 852 или 71,01 проценти од гласачите. Аце Коцевски добил најмногу гласови 16 163, Славчо Чадиев 15 110, Марјан Спасовски 328, Горан Мишков 134 и Тања Петровска 122. Имало и 994 неважечки ливчиња што е релативно голема бројка. Со овие резултати во Велес ќе има и втор круг гласање и тоа на 7 април. Коцевски и Чадиев остануваат во трката за градоначалничката функција бидејќи ниту еден од кандидатите не освои половина од гласовите на излезените гласачи.
За листи за советници гласале 32 204 или 71, 14 проценти од гласачите, каде има уште повеќе неважечки ливчиња 1 381. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 15 008 гласа, коалицијата СДСМ 13 204, ДУИ 1 113, СДУ 599, ДОМ 378, Сојуз на Титови леви сили 371 и ДПА 250 гласа. Неофисијално со ваквиот распоред на гласови 12 места во општинскиот совет се загарантирани за ВМРО ДПМНЕ, 10 за СДСМ и едно за ДУИ./Б.Н.
