Китев до локалните функционери: „Оставете го народот слободно да дише и не се заканувајте“
„Овие денови локални функционери на власта секојдневно се во посета на институции, во школи, претпријатија, државни установи, во подрачни единици на различни министерства. Затоа се обраќам до нив. Оставете го народот слободно да дише и не се заканувајте“ порача на денешната прес конференција кандидатот за пратеник на СДСМ од Кавадарци, Бетиане Китев.
Тој на кавадарчани им порача да не потклекнувале на никакви притисоци, бидејќи на гласањето 30 секунди граѓаните ја имале целата власт.
„Седењето дома и неизлегувањето е премолчена подршка за власта. Исто така гласањето за партии формирани од власта и се продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ е глас фрлен во вода уште повеќе ако однапред се знае дека тие партии немаат ниту минимални шанси за успех. И конечно охрабрете се и прифатете телевизиска дебата, немојте во се да го копирате вашиот претседател на партија. Бидејќи е единствениот претседател на партија во Европа, единствениот човек во политиката кој одбива соочувања со останатите , бидете вие различни. Јас ви ветувам јавно ако прифатите тв дуел нема да говорам за мега скандалот во кој директно е вмешан Никола Груевски“ рече Китев.
Кандидатот за пратеник на СДСМ обвини дека власта преку скапо платени реклами го убедувала народот дека реализира проекти и задачи, а единствениот реален проект кој се случувал во државата раководен од ВМРО-ДПМНЕ бил проектот за масовно иселување .
„Селењето од Македонија има земено таков замав што неможеме да го споредиме со ниеден друг период од историјата на државата. Податокот кој што го објави Светска Банка од 425 000 иселени македонци е застрашувачки. За осум години имаат изградено 10 километри автопат, а за следните четири ветуваат 1000 километри. Целата суштина на нивното владеење е претставена преку пропагандната машинерија која освен контрола на државните медиуми друго ништо не работи“ рече Китев и обвини дека во овие години власт на ВМРО-ДПМНЕ се разделувале родители од деца и се носеле по затвори, а се разделувале и деца од родители и биле принудувани да талкаат по белиот свет.
„Следната година, 2015 Македонија ќе треба да врати долг поголем од 600 милиони евра. Нема да биде битно кој на која партија припаѓа, бидејќи долгот направен од економската политика на Никола Груевски сите граѓани на Македонија ќе треба да го враќаме. Проектот на власта за масовно задолжување на Македонија е единствениот проект кој успешно се реализира овие осум години“, нагласи Китев./А.Д
